ПЕТАР ВАЛЧАНОВ, ФИЛМСКИ РЕЖИСЕР, И ИВАН САВОВ, АКТЕР
Стојан Синадинов,
специјално за „Нова Македонија“ од Солун
Со новиот филм „Таткото“, Петар Валчанов и Кристина Грозева ги освоија фестивалите во Европа, а Иван Савов потврдува дека актерот е актер дури и кога се занимава со „мали бизниси“ за секојдневна егзистенција
„Таткото“ е најновиот филм на авторскиот тандем Петар Валчанов – Кристина Грозева, инаку соработници и сопружници. Нивниот прв голем успех во долгометражната играна продукција беше „Лекција“, потоа „Слава“, а сега и „Таткото“: првите две приказни се инспирирани од новинските текстови, а новиот филм делумно и од личното искуство.
„Таткото“ по победата на Филмскиот фестивал во Карлови Вари (Чешка) минатото лето е добредојден наслов на многу фестивали: го отвори и победи на скопскиот фестивал „Киненова“, а беше и во програмата „Балкански преглед“ на Интернационалниот филмски фестивал во Солун. Валчанов и Грозева (заедно со Стефан Командарев) се предводници на успехот на новиот бугарски филмски бран. Секако дека не го пропуштивме присуството во Солун на еден член од авторскиот дует, Валчанов, и еден од актерскиот дует во филмот, Иван Савов во улогата на таткото, да направиме заедничко интервју.
Петар Валчанов (1982, Пловдив) потекнува од уметничко семејство, мајка му била актерка, а татко му уметник. Приказната во „Таткото“ започнува со погребот на една актерка: нејзиниот син Павел (се занимава со рекламен дизајн, во интерпретација на одличниот Иван Барнев), доаѓа од Софија и веднаш започнува расплеткувањето на старите несогласувања со татко му, уметникот Васил (Савов).
Васил е самобендисан, обвинуван од син му дека со неговата егоцентричност ја уништил актерската кариера на мајка му. Васил ќе поверува дека неговата жена навистина ѝ се јавила од оној свет на една роднина, па ќе тргне во потрага по некој исцелител или спиритуален медиум за да стапи во контакт со неа. Павел има обврски на работа и кон бремената сопруга, но иако неволно, сепак не го остава татко си на тоа патување низ емоционалното минато, кое колку што е духовито поради перипетиите во кои запаѓаат, толку е и единствениот излез од семејниот лавиринт на меѓусебни обвинувања…
Иван Савов (1956, Софија) е еден од најпознатите бугарски актери и театарски режисери, но со малку нетипична кариера. Во почетокот на 90-тите години од минатиот век заминал во Австрија, каде што десет години работел како дрводелец и столар. И ден-денес не е постојано вработен како актер во некој театар, туку за време на летниот период се занимава со својот приватен бизнис – забавни игри за деца – а остатокот од годината игра и поставува претстави на театарските сцени во Бугарија. Валчанов и Грозева досега го ангажирале во сите нивни филмови.
Валчанов вели дека иницијалната идеја за сторијата има врска со неговото лично искуство по смртта на мајка му, кога една негова сосетка тврдела дека ѝ се јавила од задгробниот свет. Во брачната „работилница“ на Валчанов – Грозева има суптилна поделба на задачите: во процесот на пишување сценарија Кристина има поголем удел, има поголема смисла за хумор, а потоа во реализацијата таа повеќе се занимава со работата со актерите, а Петар повеќе е преокупиран со работа со луѓето зад камерата, светлото, сценографијата, а откако филмот е во постпродукција, тој повеќе се занимава со монтажниот процес.
– Во почетокот гледаме режисерот да го „убие“ сценаристот, а потоа монтажерот да го „убие“ режисерот во нас – вака Валчанов луцидно ја формулира нивната авторска постапка.
Успехот на актуелниот бугарски филм, на некој начин, се должи на примената на формулата на романскиот нов филмски бран – минимализам плус социјален елемент.
– На крајот на краиштата, таа изразност е присутна во балканските кинематографии, но влече корени уште од ерата на неореализмот – вели Валчанов.
„Таткото“ може да се „чита“ и како преиспитување на транзицијата на бугарското општество – но и сите други постсоцијалистички општества што до пред 30 години беа раководени од доживотни лидери со „бесмртно“ дело, како Николае Чаушеску во Романија, Тито во СФРЈ, Тодор Живков во Бугарија – а ликот на таткото е, всушност, алегорија на Живков. Токму Живков во Бугарија беше нарекуван „баштата“ („таткото“), а неговиот бивш зет, сопруг на Људмила Живкова, „батето“.
– Нема конкретна алегорија, ликот е секако уметнички создаден, за времето во кое живееме сега – низ смеа одговара Валчанов.
На забелешката дека во сите три играни филмови соработува со горе-долу иста актерска екипа, Валчанов има едноставен одговор.
– Тоа се најдобрите актери во Бугарија! – вели тој.
Савов вели дека неговиот најдобар филм, пред средбата со Валчанов и Грозева, уште пред речиси 40 години, веднаш по дипломирањето на Академијата во Софија, е „Од ништо нешто“.
– Сепак, најдобрите ролји ми се во овие филмови – смета Савов.
Валчанов и Грозева имаат интересен пристап во работата со актерите. Иако сценаријата за филмовите им се детално разработени, кога ќе тргнат на филмскиот сет го „забораваат“ сценариото дома.
– Се обидуваме да избегаме од филмот што ни е во „глава“ и да видиме како ќе се справиме со живите провокации. Еве, во „Таткото“, Иван Савов сам си ја реши каскадерската сцена со коњската запрега во „Таткото“. Првобитно Савов требаше да јава коњ, но откако видовме дека е подобар со коњска запрега, секако дека го искористивме тоа. Во третиот дубл на сцената коњот побегна во нивата, па добивме на динамичност во сцената. А поради грешка на скриптерката, излезе дека е многу симпатично што другиот Иван, Барнев, го снимавме надвор обуен со домашни влечки… – Валчанов раскажува згоди од снимањето.
Кај нас е речиси страшно за амбициозен актер да не живее во главниот град и таму да ја гради кариерата. Но не и во Софија.
– Играв во различни театри, вклучувајќи го и софискиот, потоа десет години бев економски емигрант во Австрија и со тоа ја прекинав актерската кариера. Потоа почнав да се занимавам со некои мали бизниси, последниот е детски атракции, како банџи-џамп, родео и слично. Тоа го работам во текот на летото, а во текот на зимата последниве 12 години режирам претстави во различни театри, а со филм на пријателска основа, како со Петар и Кристина. Не е ни некое среќно решение да бидете актер вработен во државен театар во Бугарија, бидејќи во нашата земја се изделуваат многу малку пари за културата, платите на актерите се од 250 до 350 евра – објаснува Савов.
Како тогаш бугарскиот театар, а во последно време и кинематографија, изнедруваат добри претстави, како оние на Александар Морфов во „Иван Вазов“, и успешни филмови?
– Па, и Морфов поради конфликт со културните власти последниве четири години не поставува претстави во Бугарија, туку во Русија и во Европа. Според мое мислење, бугарскиот филм во последно време многу подобро се развива за разлика од театарот – смета Савов.
За Савов, „Таткото“ е филм за љубовта: кога еден од вљубената двојка ќе си замине на оној свет, а ти не си му кажал колку го сакаш, тогаш животот ти минал напразно.
– „Таткото“ е филм за љубовта и спознавањето што си изгубил. Какви и да се обидите да ги поправаш работите по заминувањето, тие се напразни – вели Савов за неговата улога.
Историјата е едноставна, но меѓусебните односи не се, смета Валчанов.
– Сакавме да испитаме која е границата на долгот кон родителот и љубовта. Секој човек некогаш во животот се среќава со таа дилема – додава Валчанов.
Тој го најавува нивниот четврти долгометражен игран филм со Кристина, со работен наслов „Триумф“, кој треба да биде своевидно заокружување на т.н. „журналистичка“ трилогија во опусот на оваа двојка, „Лекција“ и „Слава“, бидејќи се филмски приказни инспирирани од новинските текстови.
– Новиот филм ќе се занимава со празноверието на луѓето, инспириран од вистински случај во Бугарија во почетокот на 90-тите години од минатиот век. Некои „екстрасенси“, или психолошки „медиуми“, од воените власти добиле сигнал од вонземјаните дека сакаат да стапат во контакт, но мора да ископаат тунел близу Софија, долг 200 метри, за да го сторат тоа. И почнале да го копаат тунелот – најавува Валчанов.
На ова се надоврзува и Савов, кој додава дека тоа било времето кога во Бугарија практично немало што да се јаде, продавниците биле речиси празни, но милиони лева биле вложени во копањето на таа дупка, според малоумната идеја на тогашните раководители на Генералштабот на бугарската војска. Кој би рекол дека само новинарите, како „вообичаено осомничени“, измислуваат вакви работи?