Деновиве во издание на книгоиздателство „Темплум“ излезе графичкиот роман „Плати па клати: мемоари на еден уживател на проституција во слики и зборови“ од канадскиот автор Честер Браун. Преводот од англиски го направи Ивана Галапчева. Книгата има 292 страници во тврд повез и е единаесетто издание во стрип-едицијата „Лифт“, која беше започната во 2017 година. Едицијата ја продолжува и ја осовременува традицијата на стрип-списанието „Лифт“, кое излегуваше од 1995 до 2001 година. Денес едицијата има единаесет наслови од најреномираните стрип-автори од светот.
Се работи за, во Канада, а набргу и низ светот, најдискутираниот и мошне контроверзен графички роман од 2011 г. Графичката новела постигна забележителен критички и читателски успех, а како четиво што адресира важни прашања за сексуалната работа, доби поддршка од претставници на движењето за правата на сексуалните работници, вклучувајќи и од Трејси Куан, Ени Спринкл и Меги Мекнил.
Двајт Гарнер од „Њујорк тајмс“ за стрипот вели: „’Плати па клати’ удира серија морални, интелектуални и возбудливи шлаканици. Ќе ви остане во глава, а веројатно и ќе ви застане во грло. Се работи за реалистично уметничко дело, кое ги поставува вистинските прашања.“ Алан Мур, славниот стрип-автор, вели: „Честер Браун е веројатно најјасниот, најискрениот и најрелевантниот глас во современиот стрип денес, а ова е, сметам, неговото најснажно и најтрогателно дело досега. ’Плати па клати’ го истражува животот на клиентите на најстариот занает на светот и тоа го прави со љубов, интелигенцијa и целосно отсуство на сентименталност или правдање за своите постапки.“
„Плати па клати“ е автобиографски стрип во кој Браун мошне емпатично и внимателно ги пренесува своите искуства од светот на проституцијата. Започнува од своите плашливи и несигурни почетоци, кога влегува без речиси никакви сознанија и постепено ги учи правилата на однесување и логистиката, до фазите кога некои од неговите средби со сексуалните работнички му стануваат многу важни долгорочни емотивни релации. Браун ги документира своите средби со триесетина проститутки, од оние најнепријатните, чудни и тажни средби, до оние најсимпатичните, топли и успешни. Минималистички илустрирани, дури и секс-сцените се пренесени воздржано и нееротизирано, и имајќи ги на ум многубројните аспекти во кои авторот чувствувал должност да ја зачува анонимноста на жените.
Ненаметливиот, игрив хумор, најчесто на сопствена сметка, со кој е проткаен стрипот, го прави главниот протагонист трогателно допадлив. Наедно, неговата неиздржана искреност често оправдано провоцира реакции, а Браун ужива да поттикнува жестоки и остри дискусии.
Невообичаено за жанрот е што на крајот од книгата се поместени педесетина страници забелешки и полемичка дискусија, во која авторот ги изложува своите аргументи за декриминализација и дестигматизација на сексуалната работа. Тоа го прави добро поткован со цитати од теорија и истражувања, но неговиот говор не е академски сувопарен, туку прегледен и приемчив и се чита во еден здив, дополнително нагласувајќи ја динамичноста на темата.
Честер Браун (1960) е современ канадски стрип-автор и илустратор. Неочекуван голем успех оствари во 2000-тите со историско-биографскиот графички роман „Луј Риел“ (2003).