Излезе од печат новата книга на Ефтим Клетников „Земно и небесно лозје“, која претставува антологиски избор од светската поезија за виното и лозата во која авторот во предговорот „Виното како поезија, поезијата како вино“ дава збит поглед на оваа древна поетска тема, која е еднакво важна, сакрална, за религиозните обреди од една и, профана, за винската боемија и крчмите од друга страна. Во секој случај поезијата за виното и лозата ги опфаќа и двете овие сфери: сакралната и профаната како целина на боемијата на духот и телото, минливиот живот и вечноста, која во виното како негова крв им ја откри како трансцедентална тајна на тајната вечера на апостолите Исус.
Во книгата на Клетников, која е ексклузивно луксузно издание, се застапени песни за виното и лозата од древните времиња и цивилизации сè до модерната европска и светска поезија. Застапена е поезијата за лозата и виното во Библијата, потоа тука се поетите на таа тема на Стара Грција, па потоа суфистичките поети на Истокот (Омар Хајам, Хафиз, Руми, Ал Гани, Игбал, Ибн Ал Фарид), а по нив поетите на Стара Кина. Следуваат поетите од Македонија, како и песни на таа тема од македонската народна поезија. Потоа тука се руските поети (Карамзин, Јазиков, Пушкин, Тјутчев, Блок, Ахматова и Цветаева), па германските (Хајне, Хелдерлин, Рилке и Тракл), Аргентина (Борхес), Франција (Бодлер, Валери, Клодел), Унгарија (петефи, Фазекаш, Верешмарти, Фехер), Србија (Змај, Истатиевиќ, Павловиќ), Хрватска (Крлежа, Тафијановиќ, Алфировиќ, Бугарија (Ботев, Христов, Ефтимов, Канчев, Донков, Методиев, Григоров, Кисјов) и Грција (Рицос и Паламас).
„Земно и небесно лозје“ на своите страници донесува и еден богат избор на илустрации, репродукции на таа тема, во избор на Климе Коробар и авторот, од Стариот Египет, македонските фрески, главно со мотиви на Тајната вечера, потоа тука се делата на ренесансата (Тицијан, Рембрант, Бош, Караваџо, Бројгел, Веласкез) сè до модерните уметници (Диего Ривера, Мане, Тулуз Лотрек, Дали, Пикасо). А, се разбира, застапени се и современите македонски сликари: Никола Мартиновски, Илија Спасовски-Чендо, Ставре Димитров-Стадим, Глигор Чемерски, Новица Трајковски и Владимир Темков.
На крајот ова ексклузивно раритетно издание е опремено и со збити белешки за сите автори застапени во него. Една книга што нуди естетско хедонистичко уживање за читателите со рафиниран вкус и дух, слично на хедонистичките естети на убавите вина. Заинтересираните може да ја купат книгата во книжарниците на „Матица македонска“ во Скопје.