Мрачните тајни на Пабло Неруда
„Ќе дојдеме во твојата тажна и убава земја. Мораме да побегнеме одовде, да се одмориме од борбата и да вдишеме воздух што толку ни недостига…“ Овие зборови во очај му ги испишал шпанскиот писател и републиканец Мигел Хернандез во екот на крвавата шпанска граѓанска војна, во 1938 година, на својот чилеански пријател и колега Пабло Неруда.
Судбината сакала Хернандез да не го вдише тој воздух во Чиле, со оглед дека четири години откако го напишал ова писмо умрел од туберкулоза, која ја добил во шпанските затвори. Кога еднаш Пабло Неруда (1904-1973), книжевник, добитник на Нобелова награда и дипломат, го запрашале што е она што го смета за најголемо достигнување во својот живот, тој не се пофалил со своите книги и со поезијата. Најмногу бил горд на тоа што својот дипломатски статус го искористил за повеќе од 2.000 шпански републиканци да ги извлече од земјата за време на Граѓанската војна, изнајмувајќи брод што од Франција во 1936 година ги превезол во Чиле.
Потресното писмо на Хернандез упатено на чилеанскиот колега е само дел од импресивната колекција, која има повеќе од 600 книги, ракописи, фотографии, списанија, писма и разгледници што му припаѓале на Пабло Неруда. И оваа колекција беше планирано да биде на аукција на 19 март во Барселона. Тој колекционер, како што пишува британскиот весник, се вика Сантјаго Виванко. Иако цел живот се занимавал со производство на вино, уште од тинејџерски денови бил маѓепсан со делото на великанот на јужноамериканската литература.
Еден од бисерите од неговата колекција е првото издание на „Дваесет љубовни песни и една очајна“ на Неруда од 1924 година. Таа книга е таква реткост што ни самиот Неруда немал авторски примерок. Она што на книгата ѝ дава поголема вредност е посветата на писателот испишана со зелено мастило, која гласи: „За Габриел Гарсија Маркез. Мои честитки, драг пријателу, на овој пронајдок, кој дури ни јас го немам. Прегратка. Пабло Неруда. Париз, 1971“.
Драгоцен е и ракописот упатен на пријателот на Неруда, Салвадор Алјенде, чилеанскиот претседател, кој е убиен во пучот организиран од страна на Пиноче. Писателот го напишал само две недели пред да настрада Алјенде, а и тој да го заврши животот во септември 1973 година.
Сантјаго Виванко цели 25 години ја правеше својата колекција. Го обиколи целиот свет, трагајќи по какви било фрагменти, делчиња, остатоци врзани за Неруда. Така ги откри и неговите мрачни тајни. Иако чилеанскиот книжевник толку убаво пишуваше за љубовта и сексот, тој, всушност, бил силувач, кој некои од жените во својот живот ги третирал грозно, тврди шпанскиот колекционер. Да потсетиме, статусот на Неруда на чилеанско национално богатство малку е разнишан пред две години, кога е откриен дел од неговите мемоари во кои тој признава дека силувал жена, наводно припадничка на Тамилските тигри, која работела како слугинка во неговата резиденција додека тој бил на дипломатска служба во Цејлон.
Покрај силувањето, има уште некои аспекти од животот на Неруда за кои овој колекционер никако не можел да најде оправдание. Виванко открива дека поетот бил грозен и кон сопственото дете.
– Неговата ќерка Малва Марина е родена со хидроцефалус (т.н. водена глава), а тој практично ги напуштил и детето и неговата мајка. Иако жените го сметале за многу привлечен и бил голем заводник, тој ги изневерувал сите три сопруги – изјавил Виванко за „Гардијан“.
Откако четврт век посветил на трагање по сѐ што се однесува на Неруда, собирајќи патем сѐ живо, од фотографии на поетот на кои тој има само 18 месеци, до ракописи што ги напишал прикован за кревет десет дена спроти смртта, овој колекционер сега решил неговата импресивна архива да стигне до пошироката публика. Иако одел по дел од светот за да најде делчиња од „сложувалката“ на Неруда, едно од најважните откритија му било пред носот, односно се случило во неговата родна покраина Риоха. Кога го прочитал текстот во весник за девојче што на својата професорка ѝ рекло дека нејзината прабаба била една од љубовниците на Неруда, тргнал во потрага. И набргу открил дека девојчето навистина било правнука на Олга Маргарит Буржо, една од првите чилеански жени стоматолози.
На Олга Неруда во септември 1933 година ѝ напишал зборови полни копнеж: „Ги помнам твојата коса, твоите стапала, твојата уста… Поради тебе имам непроспиени ноќи…“. Олга никогаш не ѝ раскажувала на својата ќерка за врската со Неруда, туку ѝ се доверувала на внуката, на мајката на девојчето од весникот. И токму во кутијата што таа грижливо ја чувала, Виванко ги открил писмата, фотографиите, но и, на негово изненадување, првото издание на книгата на Неруда „Престој на Земјата“, кое е печатено само во стотина примероци.