Музиката во македонскиот филм е тема, која на академско ниво не е често обработувана кај нас. Влијанијата на различните правци во различни периоди и простори во македонскиот филм се тема што сѐ уште буди интриги кај филмските зависници
Музиката во македонскиот филм е темата на дискусијата што ќе се одржи денеска од 18 часот, под модераторство на Ѓорги Пулевски. Гостин на дискусијата е Александар Трајковски.
– Oткако звукот и видеото се споија на филмското платно, филмската музика е неизоставен дел од филмскиот расказ. Да се пренесе пораката на филмската музика од имагинацијата на нејзините креатори до ушите на публиката е магичен момент, кој може да диктира расположение, темпо и динамика. Музиката во македонскиот филм е тема, која на академско ниво не е често обработувана кај нас. Влијанијата на различните правци во различни периоди и простори во македонскиот филм се тема што сѐ уште буди интриги кај филмските зависници – вели Александар Трајковски, кој пионерски со својата книга „Музиката во македонскиот игран филм: од Фросина до Лазар“ (2019) структурно го прошири опсегот на сфаќањата за филмската музика кај нас, преку пообемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм.
Истражувањата и анализите Трајковски ги правел за потребите на неговата докторска теза „Филмската музика како форма на комуникација: музиката во македонскиот игран филм во периодот од 1952 до 2011 година“, која ја одбранил во 2014 година на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.
Александар Трајковски дипломирал на Факултетот за музичка уметност на Одделот за музичка теорија и педагогија, каде што го одбранил и магистерскиот труд „Организацијата и содржината на музичката настава во Република Македонија во периодот од 1950 до 1962 година“. Досега учествувал на повеќе меѓународни конференции и симпозиуми со научни трудови, кои обработуваат теми од областа на музикологијата и музичката педагогија и е автор на поголем број трудови објавени во реномирани музички и културолошки списанија и научни зборници. Автор е и на монографијата ,,70 години АКУД Мирче Ацев“, коавтор на книгата ,,Зина Креља, сопран, првенка на Операта при Македонскиот народен театар“, а се јавува и како дел од авторскиот тим на монографијата за режисерот Бранко Гапо. Добитник е на наградата ,,13 Ноември“ за публицистика за 2019 година.
Дискусијата е дел од годишната програма на културниот центар „Јадро“, која е финансиски поддржана од Министерство за култура.