Директорот на националната установа „Стоби“, Спасе Перовски, посочува дека на истоимениот археолошки локалитет, со проект поддржан од Регионалниот совет за соработка, финансиран од ЕУ, преку анимација ќе биде рекреирана гладијаторска борба во римскиот театар
Спасе Перовски, директор на НУ „Стоби“
„Гладијаторите се враќаат во Стоби – виртуелно искуство“ стои на плакатот објавен деновиве на веб-страницата на истоимената национална установа со која раководите, а која се подготвува на јавноста да ѝ понуди ново виртуелно искуство од римскиот театар. За што точно станува збор и дали за овој настан нема да се чека долго со оглед на тоа што е презентиран и нов видеоматеријал за историјатот и изгледот на театарот, кој во овој период, според најавите, треба да се доистражи и конзервира?
– Медиумската кампања, која пред неколку дена започна на социјалните медиуми, е дел од проектот „Откривање на римскиот град Стоби – виртуелно искуство“ поддржан од Регионалниот совет за соработка, финансиран од Европската Унија. Партнер на националната установа „Стоби“ во изработката и реализацијата на овој проект е центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ од Скопје. Проектот претставува искуство во виртуелна реалност, каде што преку анимација ќе биде рекреирана гладијаторска борба во театарот на Стоби. Целта на проектот е да ја зголеми туристичката понуда на истоимениот археолошки локалитет, преку обезбедување нови искуства користејќи апликација за виртуелна реалност. Апликацијата има и едукативен карактер, преку што посетителите подетално ќе се запознаат со римскиот театар, активностите што се случувале во него во периодот кога функционирал, поставеноста на посетителите во театарот, опремата на одредени гладијатори итн. Театарот ќе биде виртуелно реконструиран, максимално исполнет со виртуелна публика, со што ќе се обидеме да рекреираме автентична атмосфера од периодот кога објектот бил пуштен во употреба. Посетителите на Стоби ќе имаат можност да ја доживеат гладијаторската борба како дел од гледалиштето, со што ќе добијат подобро чувство за атмосферата на еден ваков настан, како и за големината и монументалноста на овој империјален објект. Очекуваме виртуелното искуство да биде пуштено во употреба кон крајот на септември оваа година. Иако театарот во Стоби сѐ уште не е комплетно истражен, неговиот дизајн и изглед се добро познати. Реконструкции на овој објект се направени од претходните истражувачи на Стоби и тие се земени предвид при изработката на оваа виртуелна реконструкција. Со истражувањата на театарот во минатите единаесет години, проблемите што постоеле во смисла на елементи за реконструкција се идентификувани и решени.
Кои други планирани проекти финансирани од Министерството за култура, но и од други фондови, се реализираат на локалитетот, а беа одложени поради пандемијата на коронавирусот?
– Како последица од коронавирусот, годинашните проекти започнаа неколку месеци подоцна од вообичаено, но сепак НУ „Стоби“ веќе е во фаза на нивна реализација. Во моментот се работи на повеќе проекти на локалитетот, најголемиот дел за заштита на неговото културно наследство. Во тек е проект за конзервација на театарот, во чиј состав се реализираат и археолошки истражувања. Ископувања се вршат и на југозападниот бедем, каде што целта на истражувањата е изработка на проект за конзервација на овој дел од фортификацијата, како и на полукружниот плоштад каде што годинава треба да се финализира конзерваторскиот проект започнат во 2018 година. Во тек е и конзерваторски проект што ги опфаќа сите мозаици пронајдени на локалитетот, кои се чуваат во депоата, со што ќе се реши долгогодишниот проблем на распаѓање на мозаиците, кои се извадени од нивниот изворен контекст. До крајот на годината очекуваме да се реализираат уште неколку проекти, пред сѐ финализација на конзервацијата на архитектонските остатоци од просториите зад полукружниот плоштад и ископувањата на Западната некропола. Проектот за виртуелна презентација „Откривање на римскиот град Стоби – виртуелно искуство“ исто така беше минимално одложен поради компликациите што ги предизвика коронавирусот.
Повеќе од еден месец локалитетот Стоби повторно е отворен за посетителите. Задоволен ли сте од нивниот број, но и од нивните реакции поради протоколите за посета што треба да ги почитуваат?
– Има многу малку посетители во споредба со претходните години, но тоа е последица на комплицираната ситуација со коронавирусот што го зафати целиот свет. Посетителите што доаѓаат на локалитетот ги почитуваат пропишаните правила и протоколи и засега немаме никакви проблеми или поплаки. Сепак, локалитетот е под отворено небо и физичкото дистанцирање е поизводливо отколку во кој било музеј и изложбена поставка во затворен простор.
Минатата година на овој археолошкиот локалитет беше реализирана ретроспективна изложба на уметникот Љубомир Милошевски, а за годинава беше планирана и ретроспектива на творештвото на скулпторот Петар Хаџи Бошков. Што содржи изложбата на Хаџи Бошков, дали е одложена, но и кои други планирани настани и проекти нема да можат да се одржат до крајот на годинава?
– Стоби жив град, во основа е целта на програмата за Стоби во идниов период и токму заради тоа овие настани се присутни на локалитетот. Минатата година изложбата на Љубомир Милошевски беше храбар чекор за да видиме како истата таа би изгледала и, секако, чувството на задоволство беше заемно. И не само тој настан, ние веќе имаме настани што ја задоволуваат и ја оживуваат идејата за Стоби. Годинава требаше да се случи голема ретроспективна изложба на Петар Хаџи Бошков во соработка со неговиот син, Игор Хаџи Бошков, како наследник на големата оставина на татко му, и со Соња Абаџиева како кураторка, но, за жал, поради пандемијата на ковид-19 ја одложивме за следната година. Се надевам дека таа, во своите репрезентативни рамки, скулптури и други ликовни содржини ќе се одржи на локалитетот, дел во отворен и дел во затворен простор. Покрај одложувањето на оваа изложба, националната установа „Стоби“ одложи и едно издание во секторот за издавачка дејност, но затоа сѐ друго се реализира со полна пареа.