БАБА МАРИЈА, МАЈКАТА НА МАЈЧИНАТА МАЈКА

Антиупатства за лична употреба

Во мојата најнова книга раскази „Делфинот“, првиот дел ѝ е посветен на мајка ми. Таа е човек што најдолго го знаев во мојот живот. Влеговме во 66-тата заедничка година. Четирите раскази во книгата се напишани во различни периоди – „Писмо“ пред повеќе од три децении, „Гаева 23“ пред помалку од две години, но, без оглед на временската различност, го чувствувам истиот силен набој на љубов и лутина, што не престануваше сиве овие години до нејзината смрт. Инаку, во книгата доминантен лик што се провлекува речиси низ сите раскази е оној на старицата, некогаш многу различен од мајки ми, но некогаш доста сличен.

Кога ќе сретнам во градот некој од нејзините ученици од гимназијата, помлади и постари од мене, веднаш слушам најубави приказни за професорката Прокопиева, справедливата, елегантната, која ги научила да ја разберат литературата, да умеат да ги читаат книгите. Горд сум тогаш, а сепак се прашувам – дали зборуваат за истата жена.
Го споредувам односот со неа наспроти оној со татко ми. Дружењето со тато најдобро би го опишал како флуидно, при што во „флуидот“, покрај воздушната, чувствувам и водена компонента, што на нашата заемност ѝ додаваше и длабока емотивна поврзаност. Таквата флуидност ми фалеше кај мајка ми, можеби затоа што таа немаше многу време за разговори од таков опуштен тип. Беше зафатена со некои свои задачи и обврски, кога ќе се зазборев, понекогаш ме прекинуваше „пушти ме сега, имам работа“ и ќе отрчаше до кујната. Зошто тогаш не појдов по неа да ја гушнам и да ја цмокнам во образот, туку останував да седам на столот? Зошто тоа ме навредуваше?
Мајка ми со годините се смалуваше, како што се смалуваат сите стари. Така беше и со нана ми, и со баба ми. Стануваа сѐ поситни, помалечки, имав впечаток дека претходниот ден сум пораснал.

Што, барем во случајот со баба ми Марија, не беше далеку од вистината, зашто таа забрзано старееше во своите деведесетти, додека јас забрзано се издолжував во пубертетот.
Баба Марија секое утро пред огледалото ја четкаше својата долга бела коса пред да ја собере во пунџа. Во куќата во Пајко Маало нејзината соба, чии прозорци ширум гледаа кон исток и југ, беше просторна, светла и тогаш воопшто не ми мирисаше како што мирисаат собите на стари луѓе. А мирисаше на тутун, зашто баба Марија пушеше до крајот на животот, па ќе ја замолеше Ѓула, нашата куќна помошничка, да појде до маалскиот дуќан и да ѝ донесе „три парчиња цигари“. Едната ќе ја испушеше веднаш, со кафето, во својата соба, другите две ги оставаше за подоцна.

Знам дека приказните од детството се менуваат низ времето (а оттогаш е минат половина век), се вплетуваат со други спомени, се дополнуваат и потоа, кога ќе се запишат, се авторизираат во една приватна, субјективна меморија. Белешката ја почнав во станот во Сплит, каде што бев гостин на едномесечната програма Writer in residence. Додека запишував, надвор цел ден дуваше југо и дрвените ролетни тропаа од јачината на ветерот. Има извесна морничавост во тие брутални налети на ветерот, но внатре јас се почувствував доста сентиментално. Дури нежно.

Тогаш, надвор почна и да врне. Дожд и југо. Баба Марија, кога вака навечер дождот ќе почнеше да топоти по прозорците од нејзината соба во Пајко Маало, ќе се наближеше до стаклото по кое капките удираа и се лизгаа и ќе ја запалеше последната од трите дневни „дрини“. Чадот од цигарата, поради близината на прозорецот, не стигнуваше да се распрсне низ собата, туку топчесто се лепеше на стаклото. Кога ќе се свртеше кон мене, петгодишник, кој седнат го возеше дрвеното вовче по тепихот, врз нејзините сиви очи, барем така ми остана сеќавањето, натежнуваше некоја маглива коприна, се прашувам сега – дали од чадот, дали од староста.