Танчари од театарот „Далас блек денс“ од САД и млади артисти од културната програма „Инкубатор“ заедно ќе изведат претстава на „Танц-фест“, во Младинскиот културен центар, која ќе започне вечерва во 20 часот. Американските танчари деновиве престојуваат во земјава во рамките на партнерскиот проект „Ширење видици“, кој го реализираат со здружението за промоција на документаристика „Македокс“.
Проектот е дел од програмите „Заедници кои го поврзуваат наследството“ финансирани од Стејт департментот на САД, а имплементирани од организацијата „Светско учење“.
Проектот „Ширење видици“ ги слави автентичните културни наследства на Афроамериканците во САД и на Ромите во Република Македонија. Од „Македокс“ посочуваат дека со театарот „Далас блек денс“ соработуваат во овој проект за да ги водат танчарите, музичарите и филмските творци низ истражувањето на посочените култури, а планирано е тој да заврши со снимање среднометражен филм, кој ќе ги претстави и ќе ги зачува и двете култури.
Пред доаѓањето на американските танчари и музичари во Скопје, македонски музичари, филмаџии и членови на „Македокс“ беа во посета на САД.