Никола, разочаран од односот на родителите кон него, но и од малтретирањето на училиште, бега од Германија и оди во Македонија зашто татко му е по потекло од таму. Случајно наидува на својот дедо, кој живее сам на бачило со шарпланинката Стела. Дедото (Тони Михајловски) на почетокот неволно го прифаќа Никола, но со текот на времето тие се зближуваат не ни знаејќи дека во нив тече иста крв, ни откри дел од филмската сторија Петар

Петар Маниќ има 13 и пол години, учи во скопското основно училиште „Кочо Рацин“, каде што наскоро ќе биде деветтоодделенец. По завршувањето на основното училиште в година, средно би сакал да продолжи во гимназијата „Никола Карев“, јазична насока, каде што учела и неговата постара сестра Љубица (Бубе), која има 20 години. Но ако го прашате што би сакал да биде кога ќе порасне, одговорот барем периодов е – глумец.
А како и нема да биде така, кога Петар го толкува главниот лик, тинејџерот Никола, во првиот македонски игран филм за деца – „Стела“ на режисерот Стојан Вујичиќ, зад кој застанаа продуцентот Огнен Антов и продукциската куќа „Дрим фектори“. Премиерата требаше да се одржи во март, но одложена е поради актуелната пандемија на коронавирусот. Но тој е нестрплив конечно да се случи тоа, бидејќи од целиот снимен материјал има видено само две-три сцени, а гори од љубопитство да го погледне целиот филм на големиот екран.
Но како се најде Петар во оваа филмска приказна?
Освен тоа што веќе неколку години активно тренира пливање и свири гитара, четврта година едноподруго тој оди на часови по глума во академијата „Даста“.

Ги поминав сите кругови на кастингот

– Наставничката Загорка Поп-Антоска Андоновска од академијата „Даста“ ми кажа за кастингот за главниот лик во првиот македонски игран филм за деца „Стела“ и отидов со татко ми Александар, со надеж дека ќе ме изберат. Го поминав вториот круг, надевајќи се на следни предизвици, но немаше покана цела година, а подоцна дознав дека тој период се вршеле интензивни подготовки за снимањето на филмот. Сепак, повторно ме повикаа, па влегов меѓу првите десет, па меѓу првите петмина, останавме двајца и еден ден ми се јавија мајка ми и татко ми дека ме избрале мене да го толкувам ликот на Никола. Ептен се израдував, иако во првиот миг бев толку збунет што не можев ниту да ги покажам своите емоции – вели Петар Маниќ.

Снимањето на „Стела“ почнало лани, по завршувањето на учебната година, на неколку локации: во Галичник, на Водно, во Скопје и во градот Штутгарт, во Германија.
Освен Петар, во филмот глумат и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и српската глумица Христина Поповиќ, која македонската публика имаше можност да ја види и во филмот „Парада“. Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографијата е на Гого Клинчаров, костимографка на филмот е Милена Миленковиќ, а снимател на звукот е Срѓан Бајски. Всушност, долгометражниот игран филм „Стела“ е македонско-српско-германска копродукција. Интересно е дека првпат кај нас филмот се реализира како прва еко или зелена продукција.

Филмот третира една актуелна, но многу ранлива тема за врсничкото насилство на училиште, поради што Никола, чии родители работат во Германија, сосема ќе се повлече во себе, а ќе се обиде и да си го одземе животот, за среќа, безуспешно.
– Никола, разочаран од односот на родителите кон него, но и од малтретирањето на училиште, бега од Германија и оди во Македонија зашто татко му е по потекло од таму, а мајка му е Германка, од богато семејство. Случајно наидува на својот дедо, кој живее со шарпланинката Стела на планина. Единствено кучето не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори. Го прифаќа Никола и среќно е во неговата близина. А тој почнува повторно да зборува благодарение на Стела. Таа дури го спасува момчето кога тоа ќе падне во реката и ќе ја удри главата на камен. Дедото (Тони Михајловски), кој живее сам на бачилото, на почетокот неволно го прифаќа Никола, но со текот на времето тие се зближуваат не ни знаејќи дека во нив тече иста крв. Кога ќе откријат дека се дедо и внук, по првичниот шок дедото е многу среќен… Има уште многу интересни моменти и тажни и радосни, но не сакам премногу да откривам. Ќе кажам само дека на крајот Никола повторно ќе има среќно семејство – ни откри младиот актер.

Петар со двајцата дедовци, вистинскиот и филмскиот

Соживувањето со ликот на Никола, неговата прва голема актерска задача, за Петар било голем предизвик, но немал трема. Само желба да научи многу за глумата, а имал и од кого.
– Немав многу зборување при доловувањето на ликот, експресијата ја изразував со мимика и движење на тело. Одлично соработував со целата екипа, а најмогу со Дејан Лилиќ и со Тони Михајловски. Ги посматрав како глумат и постојано учев. Кога во една пригода Тони ми рече дека ме сака камерата и оти сум добар, но со работа на себе и со нови искуства ќе бидам сѐ подобар, тоа ми беше голем мотив да се потрудам уште повеќе – ни се довери Петар.

Снимање со дублер поради кршење нога

Како и на филмот, така и за време на неговото снимање на Петар му се случиле многу работи, кои никогаш нема да ги заборави, освен кршењето на ногата, на кое не сака да се сеќава. Но токму оваа случка го одолжи снимањето на филмот „Стела“ за неколку месеци, некои сцени морале да бидат исфрлени, а за други бил ангажиран и дублер, исто така по име Никола.
– Снимањето требаше да трае околу два, но се одолжи на пет-шест месеци зашто јас ја скршив ногата. А како се случи тоа? По две недели снимање во живописниот Галичник добивме два слободни дена. Се вратив во Скопје и отидов на забар да ми ја наместат корективната протеза, ама не сакав да одам пеш и го зедов скејтбордот. Кога стигнав до една надолница неколку мига се колебав дали да се симнам со скејтбордот и на крајот одлучив да го направам тоа. Но некаде при крајот незгодно паднав. Во тој миг сфатив дека оваа несреќна случка сѐ ќе промени. Се собра многу народ, сите сакаа да ми помогнат. Дојдоа и мајка ми и татко ми и ме однесоа во болница. Мораше да ми се направи итна операција, бидејќи скршеницата беше на незгодно место, на глуждот, па затоа по шест месеци повторно ме оперираа за да ми ја извадат претходно ставената плочка. Рехабилитацијата во Црна Гора многу ми помогна повторно да се вратам во форма – ни рече Петар.

Но и кога бил во болница добил огромна поддршка од целата екипа, а многумина дошле да го посетат и во болница.
– Ме посетија и режисерот Стојан и продуцентот Огнен и ми рекоа да не се грижам оти сѐ ќе биде добро, но ме известија дека ми нашле дублер што ќе ме заменува во некои сцени. Бев многу разочаран. Кога малку ми заздрави ногата, со гипсена чизма и со патерици отидов на Водно да снимаме, а дојде и дублерот. Потоа отидовме во Германија да снимаме во Штутгарт, што за мене беше многу интересно искуство. Жал ми е што поради мојот гипс, сцената во која јас и дедо ми требаше да собираме заедно сено на крајот беше исфрлена, бидејќи не бев во состојба подолго да стојам. Наедно, тоа беше и последната клапа и мојот вистински дедо Томислав Маниќ дојде на сетот, а излезе дека се знаел и со Тони Михајловски, па средбата ја овековечивме и на фотографија, на која сум со двајцата дедовци, вистинскиот и филмскиот – вели тој.

Стела е вистинска ѕвезда

Дружењето со шарпланинката Стела за Петар е прекрасно искуство.
– Кога првпат ја видов шарпланинката ми изгледаше огромно и по малку страшно, но набргу открив дека таа е мирна и мирољубива и сака да се гали, за разлика од други шарпланинци. Многу ја засакав, а се дружевме и за време на снимањето на спотот за песната „Љубов по Татунчо“ што ја изведува групата „Љубојна“, која ќе се емитува за време на одјавната шпица на филмот. Инаку, за Стела се грижеше нејзиниот тренер и дресер Ристе Гиовски, кој постојано беше присутен на снимањето на сцените со неа. Пред да почнеме со снимање ми дадоа тренирка да ја носам, за да се навикне Стела на мојот мирис и да ме спаси кога ќе паднам во реката. Но на снимањето имавме мал проблем бидејќи таа не ми дозволуваше да паднам. Ја чуваат во Велес, во одгледувачница за шарпланинци. Едвај чекам повторно да ја видам Стела на премиерата на филмот – ни рече Петар.
Ова русокосо момче со убава насмевка вели дека снимањето на филмот за него било големо животно искуство.
– Прв филм ми е, сите беа добри со мене, имавме убава, сложна, соработка. Ја почувствував магијата на подвижните слики. Но и физички се сменив за време на снимањето. Сега кога ги гледам сликите забележувам дека сум бил вистинско дете – вели тој со насмевка.

На крајот го прашавме Петар како реагирале неговите другари и другарки на неговиот филмски ангажман.
– Другарите, оние вистинските реагираа убаво, ми рекоа дека едвај чекаат да го гледаат филмот. Мислам дека вистинскиот интерес ќе почне кога „Стела“ ќе почне да се прикажува во кината и кога ќе биде дел од некои меѓународни филмски фестивали. Инаку, морам да се пофалам дека од хонорарот си купив мобилен телефон – ни рече гордо.
Понесен од атмосферата за време на снимањето на филмот, Петар сѐ почесто размислува за глумата како своја идна професија.
– Моја голема желба е да успеам во глумата, зашто тргнав натаму и нема враќање – вели тој.


Освен за глума, талентиран и за пливање и за музика

Кога го прашавме Петар дали некој во неговото семејство се занимавал со глума, тој ни рече дека неговиот дедо, еден од првите пејачи на македонска забавна музика, Томислав Маниќ (87), како млад глумел во претставата „Зона Замфирова“ во родниот Пирот. Од него, по сѐ изгледа, тој го наследил и талентот за музика, бидејќи веќе пет години зема часови по гитара.
– Прво одев на часови во музичкото училиште „Ентерпрајз“, а сега го посетувам државното музичко училиште, каде што тајните на свирењето гитара ми ги открива професорот Јане Пенов. Сакам секаков вид музика, а пеам само кога сум сам. Инаку, мајка ми е дипломирана математичарка, а сестра ми студира хемија, но повеќе од природните мене ме привлекуваат општествените науки, а имам голем афинитет и кон изучувањето странски јазици – вели тој.

Татко му Александар го заразил со љубовта кон пливањето, особено градно, па одејќи по неговите стапки, и Петар освојува медали како член на пливачкиот клуб „Бисер“.
– Секојдневно пливам на Олимписки базен веќе пет години, а годинава учествував и на Охридскиот маратон и заедно со други млади пливачи испливав два и пол километри. Овој спорт не само што ја подобрува мојата физичка форма, туку ги зголемува и мојата самодоверба, издржливост и упорност да ги остварам своите цели – ни рече овој амбициозен тинејџер, за кој очигледно ништо не е тешко.