Нови книги: „Ѕвезда со гнезда“ од Стојан Тарапуза
Пишувањето не е занает, тоа е волшепство. Кога нешто однатре ќе те натера да им кажеш нешто свое на другите, тогаш седнуваш и пишуваш. А поезијата не се објаснува, таа се чувствува. Песната мора да се појави сама. Мене еден збор може да ме предизвика да го напишам вториот, па третиот, а тука некаде ја чувствувам и музиката на буквите и тоа ме води напред, вели Стојан Тарапуза
„Ѕвезда со гнезда“ е насловот на најновата книга за деца на познатиот македонски писатèл Стојан Тарапуза, издание на книгоиздателството „Матица“. И во третата доба, тој не застанува, постојано создава нови дела, бидејќи, како што ни рече, успеал да го зачува детето во себе и секојдневно си игра со зборови. Можеби тоа е тајната за неговата творечка виталност, чиј плод се педесетина издадени книги досега, од кои триесетина оригинални наслови.
Веќе е во печат неговото најново дело „Птицата од саатот куку“, а избор од неговата поезија, насловен „Како се вари кловновска чорба“, наскоро ќе излезе во Бугарија. Книги поезија на Тарапуза се преведени на српскохрватски, словенечки и на повеќе светски јазици, бидејќи, како што велат, убавиот глас надалеку се слуша.
Во „Ѕвезда со гнезда“ песните на авторот се поделени во неколку циклуси: „Во светот на детството“, „Ета бета“, „Ејка бејка“, „Сѐ што тече не е река“, „Песни под стреа во шарена дреа“, „Везени слики“, „Еднаш било се случило“, „Умна глава“, „Златна рака“, „Лебни песни“, „Песни за сетилата“ и „Песни за интерпункциските знаци“.
По повод издавањето на новата книга, поразговаравме со писателот Стојан Тарапуза, кој, верувале или не, ни откри дел од тајната на создавањето нови песни….
Кога и како се роди оваа „Ѕвезда со гнезда“?
– Моите книги се создаваат постојано во мојата глава, бидејќи јас сум во некој творечки занес цело време. Но ако немам креативен предизвик, јас не пишувам. Тогаш читам или се одморам. Пишувањето не е занает, тоа е волшепство. Кога нешто однатре ќе те натера да им кажеш нешто свое на другите, кој си, каков си, тогаш седнуваш и пишуваш. А поезијата не се објаснува, таа се чувствува. Вистинска среќа е да наидеш на песна што ќе ја почувствуваш. За разлика од прозата, каде што една тема расте и се развива, со денови, со недели и постојано се збогатува, поезијата, ако е искрена, е само миг. Песната мора да се појави сама. Мене еден збор може да ме предизвика да го напишам вториот, па третиот, а тука некаде ја чувствувам и музиката на буквите, и тоа ме води напред.
Во секое наредно дело на младата, но и на повозрасната публика ѝ подарувате нешто ново и оригинално. По што оваа се разликува од другите ваши книги?
– Творецот не би требало да влегува во клише, да се повторува. Тој би требало да наоѓа нови теми, можности, стилски нови дотерувања, да го вклучи детето во играта, песната да е во дослух со неговите желби, современа едноставна, игрива… Ако не дојде до сето тоа, ако песната не е музикална, тоа нема да ја научи наизуст и да ја рецитира. Порано тоа беше практика, но сега наставниците се жалат дека не можат да најдат песна што лесно се памети и се рецитира. А треба да се вежба и таа говорна способност на децата.
Објаснете ни што точно значи насловот „Ѕвезда со гнезда“?
Книгата е ѕвезда, а песните се гнезда. Оваа ѕвезда има 305 гнезда, односно 305 песни. Сите се игриви, музикални. Има повеќе циклуси, а имам претчувство дека на децата особено ќе им се допаднат последните – Лебни песни, Песни за сетилата и Песни за интерпункциските знаци.
Како во стихови би ја опишале тајната на создавањето на една песна?
И најкратката песна/од срце откината/глас е на светлината/смев на убавината.
Со што сте преокупиран деновиве?
– Имам собрано околу илјада мисли крилатици што ќе се најдат во нова книга. Не мирувам ниту во овие години. Како душата да ми е детска и понатаму, само телото старее. Знаете ли зошто возрасните често се навраќаат во детството? Поради тоа што тоа е единствено време што нѐ подмладува, нѐ восхитува, нѐ полни со нова енергија. Кога сме деца, си играме и уживаме во играта, тие игри се чисти. Но подоцна, како возрасни, ние забораваме да си играме. А јас, ете, цел живот сум дете и си играм со зборови!
Што ќе им порачате на децата пред почетокот на учебната година?
За да бидат децата среќни, треба да се слободни, а за да се слободни, треба да влезат во игрите колку што можат повеќе. Кога ќе почне учебната година, секако, нека играат, но треба и да учат, зашто без учење нема одење напред. Детството е најубавиот период од животот и треба да се исполни со убави работи, а книгата ќе им отвори нови патишта на децата. Им посакувам да станат вредни и способни луѓе и да останат во оваа наша татковина. Затоа на моите млади читатели ќе им се обратам со зборовите: „Вие, како деца, треба да ни помогнете да ги совладуваме секојдневните проблеми полесно и побезболно“.
Како би ја оцениле моменталната состојба во македонската литература за деца?
– Многу нови работи што се случија во оваа област се, благо кажано, чудни. Некој некаде рекол „ќе има повеќе писатели отколку читатели“. Можеби тоа време веќе дојде. Добро е што има писатели, но лошо е што не се читаме. И ние самите меѓу себе. Живееме во некое глуво време. Книгата се наоѓа во лоша состојба и треба да ѝ помогнеме. Како? Ако објавуваме книги што вредат, кои ќе предизвикаат интерес кај децата.