Онлајн работилница за деца во организација на домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје
Во организација на домот на културата „Кочо Рацин“, со поддршка на Град Скопје, на 13 ноември на апликацијата Зум се одржа литературно-рецитаторската работилница „Креираме и рецитираме“ со поетот Филип Димкоски. Повод беа Месецот на книгата и Денот на ослободувањето на главниот град.
Во работилницата со голем интерес учествуваа учениците од ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“: Анастасија Аневска, Матеа Митова, Инес Јовановска, Јована Симоновска, Мила Трендовска, Дарја Божиновска, Ивана Радовановиќ, Ива Ѓатовска, Дора Маказлиева, Андреј Николовски, Бисера Павловска, Ивана Станковска, Mилица Марковиќ, Миа Чонтева и Анастасија Кировска, заедно со нивната наставничка по македонски јазик Татјана Нанкова.
Настанот го отвори Снежана Спасовска од домот на културата „Кочо Рацин“, а потоа предавачот, поетот Филип Димкоски работилницата ја водеше низ презентација од која учениците подетално се запознаа со дефинирањето на поезијата, начините на креирање песна, важноста од доброто познавање на македонскиот јазик, важноста на убавото пишување и говорење, рецитирањето.
Сето тоа беше поддржано со примери. Учениците исто така рецитираа и читаа свои лични творби за сонцето, за дождот, за татковината, за љубовта, а повеќето од творбите беа посветени на нивниот роден град Скопје, кој одбележи 76 години од ослободувањето. Показател за успешноста на работилницата е тоа што наместо 40 минути, траеше речиси двојно повеќе, а учениците изразија желба за повторна средба и нова работилница.
Сѐ беше снимено, а учесниците ќе добијат благодарници за успешно учество во работилницата „Креираме и рецитираме“.
Инаку, работилницата опстојува повеќе од една година и се случува во различни градови, во зависност од интересот. Досега е реализирана во Охрид, во Мало Коњари, во Прилеп, а предвидени се работилници во Радовиш и во Свети Николе.