Ќе се потрудиме целиот проект успешно да профункционира и како иновација никогаш да не згасне, порачуваат нагрaдeните ученици
Тимот на СБФ од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија – втора ученичка компанија во Македонија
Меѓу победниците на натпреварот за најдобра ученичка компанија – „Џуниор ачивмент Македонија“ за 2020 година, кој се одржа неодамна, тимот на СБФ од СОУ „Јосиф Јосифовски“од Гевгелија го освои второто место. Победниците беа прогласени на пригодна церемонија, на јутјуб-каналот, а победата на годинашниот натпревар, чиј дел беа екипи од голем број средни училишта од земјава, отиде во рацете на ученичката компанија „Саундси“ од СОУГС „Георги Димитров“ од Скопје, кои изработија дрвен звучник за мобилни телефони. Трета беше екипата „Сикерси“ на СУГС „Владо Тасевски“ од Скопје, со платформа за ученици за изработка на практични вежби.
СБФ е ученичката компанија, која е составена од петмина ученици од четврта година од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија: Слободанка Савиќ, Никола Биков, Пепица Јованова, Душко Јанев и Ангелина Несторова, кои работеа под менторство на професорката Јасмина Мицева. Тие се претставија со својот производ, СБФ-соларната торба на иднината.
– Одлично се чувствуваме, впечатоците ни се измешани и ќе ни треба време да ги сумираме резултатите и да одлучиме што ќе правиме понатаму.Во секој случај работењето на проектот целиот изминат период за нас е ново и важно искуство, а на успехот гледаме како патување, а не како на крајна дестинација. Секако, ќе се потрудиме целиот проект успешно да профункционира и како иновација никогаш да не згасне. Тоа ќе биде од големо значење за нас, учениците од тимот, но и за нашите ценети ментори. Нашиот тимски дух секогаш цели кон најголемите успеси, но, секако, во некои ситуации не можеме да влијаеме директно. Пред сѐ, тоа се однесува на техничките пречки поради пандемијата. Доколку натпреварот беше организиран со физичко присуство, идните корисници и жирито ќе имаа можност вистински и практично да го пробаат производот, што беше невозможно при виртуелната презентација – изјавија наградените ученици од Гевгелија по прогласувањето на резултатите.
Тие упатија благодарност до сите што ги поддржуваа изминатиот период.
– Многу сме задоволни поради довербата кон нашиот концепт, кој веќе 9 месеци успешно чекори како вистинска иновација на пазарот и им го привлекува вниманието на идните корисници. Сакаме да ѝ се заблагодариме и на нашата менторка, професорката Јасмина Мицева, која нѐ внесе во водите на бизнисот и претприемаштвото и со која имавме успешна соработка и постигнавме големи успеси, а посебна благодарност упатуваме до професорката Марија Танева, која одговорно и гордо стои зад концептот СБФ и примената на пелтиер-модули на еден поинаков начин од аспект на науката.
На нашите ментори им посакуваме уште поголеми успеси со идните генерации, бидјеќи време е да ѝ се каже здраво на иднината – велат наградените ученици.
Инаку, натпреварот „Џуниор ачивмент Македонија“ има цел да ги инспирира и подготви младите да успеат во глобалната економија, преку спроведување програми за претприемничко образование, финансиска писменост и подготвеност за работа.
Љубчо Алексовски