НОВА КНИГА ЗА ДЕЦА ОД АЛЕКСАНДРА ВЕЛИНОВА
„Стефан на прошетка со Ками во Египет“ е најновата книга за деца на Александра Велинова, која ќе им помогне на младите читатели да се запознаат со едно магично место во светот и на децата преку текст и слика да им се долови една поразлична култура.
Љубопитниот Стефан, главниот лик, се впушта во незаборавна авантура со камилата Ками, која го запознава со убавините на Египет: Долината на Кралевите (Луксор), пирамидите, крстосувањето по Нил, аквариумот, подводниот свет на Црвено Море, Бедуинското Село, Песочниот Град итн.
– Овие температури што надминуваат 40 степени се идеални да се нурнете во Црвено Море и, имајќи ја во раце новата книга „Стефан на прошетка со Ками во Египет“, вистински да се почувствувате како да сте таму – ни рече Велинова.
Таа вели дека инспирација ѝ била трпеливата, отмена, грациозна, модерна со шапка и очила камила Петра, чие уметничко име Александра ѝ го дала на Ками, која неуморно ги шетала туристите покрај брегот на Црвено Море. Од таква трпелива камила и љубопитно дете што „ве бомбардира“ со милион прашања како што е син ѝ Стефан, се раѓа новата сликовница. Таа е всушност разговор помеѓу камилата и детето. Ками го пречекува Стефан на аеродром и тука започнува нивната незаборавна авантура, која еднакво ги фасцинира и децата и возрасните. Со прошетката во Долината на Кралевите – Луксор, Песочниот Град, Египетска Венеција, нуркањето и запознавањето на најубавиот подводен свет во светот, аквариумот, крстосувањето по Нил, сафари-турата во пустината, посетата на фабриката за папирус, вие како да сте биле во Египет.
– Целта ми беше на авантуристички и едукативен начин да се запознаат една поразлична култура и обичаи и да се научи како да се биде среќен. Е, овој рецепт го имаат Бедуините. Така што ќе научите каква боја има Црвено Море, кој е традиционалниот рецепт на Бедуините, како се изработува хартија-папирус, што се корали, раи итн. А откако ќе ја прочитате, ќе се прашате, па има ли потреба да се мачите да одите во Египет кога сѐ ќе си знаете. Шега, секако, бидејќи цел живот ви е малку да го истражите Египет. Секогаш ќе има нешто ново и ново и ново – ни откри авторката.
Прекрасните илустрации во книгата се на Никола Темков, а изданието на „Едука мак“ е поддржано и од Министерството за култура. Инаку, таа е дел од едицијата патувања и следува по „Стефан во магичниот град“, која беше објавена пред година и пол.
„Насмевни се, во Египет си“
Каква ли е оваа земја
само од песок,
се симна Стефан од авион
и слушна силен тресок.
Џиновско животно со ногата стапна,
– Насмевни се, во Египет си – му рече.
А сонцето, нештедливо
пече ли, пече.
Затрепка со големите очи,
му посака добредојде
го покани со него
што побрзо да појде.
Ох, колку си бавен,
Ајде „пушти чекор“
– му рече камилата Ками
на Стефан со прекор.