По смирувањето на кризата со ковид-19, планиравме да почнеме со снимање долгометражен детски филм, а засега нашите проекти се достапни на Јутјуб и на Интернет, вели раководителката на студиото Драгана Боцеска
Во посета на детското драмско студио „Цвет 75“ од Охрид
Детското драмско студио „Цвет 75“ од Охрид, со кое раководи професорката Драгана Боцеска, постои од 15 декември 2018 година. Возраста на децата што членуваат во него е од 8 до 14 години и се работи во групи.
Иако го сакаат и театарот, младите таленти повеќе се наклонети кон снимање филмови и досега снимиле десет кратки и еден сериски филм, насловен „Другарство“ во пет епизоди.
Подготвиле и две претстави за деца, кои се прикажуваат во училиштата во Охрид, а цел им е да гостуваат и во училиштата низ цела Македонија.
Гостувале и на Македонската телевизија, со извадок од претставата „Модерна бајка“, во која главна тема е екологијата. Во филмовите обработуваат теми од секојдневието на децата, а пораките за заштита на животната околина ги има во сите нивни проекти.
– Новата ситуација што ја предизвика пандемијата на коронавирусот налага нови правила, кои ги ограничуваат нашите активности, но ние, сепак, решивме да бидеме креативни и во овој период, па во моментот ја подготвуваме радиодрамата „Јованче и Марика изгубени во паркот“. Ова е наша верзија на познатата бајка на браќата Грим, но со многу хумор и еколошки пораки – вели менторката Драгана Боцеска, професорка по компаративна книжевност.
Членови на драмското студио се: Сара Петкоска, Лина Боцеска, Јон Георгиески, Мила Милошеска, Ангела Ивановска и Софија Стефановска.
– Во студиото постојано бараме разни начини како да ја изразиме нашата креативност, да се дружиме. Ни недостига училиштето, доаѓањето и работата во студиото и многу други нешта. Периодов ништо не е исто како порано, посакуваме повторно да уживаме слободно во распустот – велат членовите на драмското студио „Цвет 75“ од Охрид.
Освен што снимиле десет кратки филмови и една серија со наслов „Другарство“, членовите на студиото снимиле и еден документарен филм, кој се емитувал на Македонската телевизија, посветен на охридскиот бисер и неговите тајни, а, како што велат, многу се среќни поради тоа.
– Планиравме да почнеме со снимање долгометражен детски филм, но тоа ќе го сториме кога ќе се смири кризата со ковид-19. Нашите филмови може да ги видите на нашиот канал Cvet 75 dramsko stdio на Јутјуб, или на интернет-страницата cvet 75 – велат тие.
Според менторката Драгана Боцеска, децата што членуваат во студиото се многу талентирани, посветени и заинтересирани за реализацијата на проектите.
– Засега нашите снимки се аматерски, но се надеваме дека во иднина ќе станеме уште подобри и ќе успееме да реализираме и телевизиска серија. Желба ни е да учествуваме и на фестивали, но засега имаме свој канал на Јутјуб, каде што нѐ следи нашата публика. Сметам дека во Македонија треба да се мотивираат младите кон креативност, а особено кон снимање филмови и серии, уште од најмлада возраст. Тие во иднина ќе ги заменат сегашните професионалци во оваа дејност, а со своите нови идеи и погледи ќе внесат свежина во оваа уметничка гранка, односно ќе ја унапредат македонската филмска индустрија. Затоа им сугерирам на продукциите и на телевизиите да снимаат повеќе домашни серии и филмови, а пред сѐ да се насочат кон играната продукција за деца – порачува Боцевска.
Таа дополни дека во проектите што ги работи студиото се користи литературен македонски јазик, но понекогаш има и реплики на дијалект, бидејќи тоа го налага сценариото.
– Се надеваме дека најновото од нашето студио, радиодрамата за деца „Јованче и Марика изгубени во паркот“, која изобилува со хумористични елементи и еколошки пораки, лесно ќе допре до младите гледачи. Посакуваме повеќето од нив, гледајќи ги нашите претстави и филмови, да ја почувствуваат магијата на филмската и драмската уметност, во која ние секојдневно уживаме – велат членовите на студиото.