Националната галерија на Македонија, со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија од 2017 до крајот на 2019 година, го реализира најголемиот проект досега
во својата едукативна програма забележан како пример на грижа за различностите и потребите на маргинализираните групи
„Јас и ти, едно сме“ е насловот на последната изложба, која како дел од проектот „Уметност за сите“ на Националната галерија на Македонија беше отворена лани, на почетокот на декември, во галеријата „Чифте-амам“ во Старата скопска чаршија. Во рамките на овој ликовно- едукативен проект беа реализирани работилници со учество на деца со различен спектар на попречености, со различни специфики, социјален статус, пол, возраст, посебни потреби, а притоа, како што беше најавено, проектот понуди можност за социјална инклузија преку вклучување нивни врсници од редовната настава.
„Уметност за сите“ го финансираше Амбасадата на Кралството Холандија, во рамките на нејзината програма МАТРА, а во текот на 2017-2019 година од него произлегоа четири работилници. Координаторката на овој проект, кој останува забележан како пример на грижа за различностите и потребите на маргинализираните групи, Маја Димитрова, запрашана што сѐ беше потребно тој да може да се реализира во сегашните образовни и културни услови во земјава, истакна дека станува збор за најголем проект што го организирала Националната галерија во својата едукативна програма и дека е многу горда на сите деца што беа вклучени во него, бидејќи покажале огромна палета таленти.
ПРИФАЌАЊЕ НА РАЗЛИЧНОСТИТЕ
– Со „Уметност за сите“ се овозможи да се надмине стигматизацијата на овие деца и да се прифатат различностите како битна алка во развивање на важните човечки карактеристики. Преку реализираните активности децата ја добија најдобрата терапија, социјализацијата, како и поддршката дека не се заборавени од општеството. Изминатите две години поминаа во прекрасни дружења, запознав многу деца, различни животни приказни и се случија многу пријателства, сите научивме многу и пораснавме многу како личности. Бевме едно големо семејство, кое функционираше како едно. Мислам дека овој проект би требало да биде урнек и за слични проекти во областа на уметноста. Тој се одвиваше во четири циклуси од по три месеци. Во секоја одржана работилница учениците имаа нов предизвик и учеа нови ликовни техники. Во првата активност акцентот беше ставен на фотографијата и преку организирано фотографирање низ старата Скопска чаршија, децата од свој агол ни ги доловија нејзиниот амбиент и автентичната архитектура. Од тие работилници произлезе изложбата „Од мој агол“. Во втората активност работевме со глина, која лесно се обликува и беше совршена за учениците да ги реализираат своите желби.
Со своите особености, таа им помагаше да ја разберат функцијата на формата, да стекнат сознанија за скулптурата како ликовно подрачје, всушност глината беше идеална со неа да работат слепи деца, како и деца со оштетен слух и говор. Од тие работилници произлезе изложбата „Дај му форма на животот“, и навистина тие деца му дадоа најубава форма. Децата со аутизам, пак, беа инволвирани во работилниците со акрил на платно, со што стекнаа чувство за бои и композиција и ја ослободија својата фантазија. Оваа изложба беше наречена „Пролет, лето, есен, зима… и повторно пролет“ – рече Димитрова.
РАБОТИЛНИЦИ ЗА ДЕЦА СО ОШТЕТЕН СЛУХ И ГОВОР
Таа укажа дека последните работилници одржани по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби беа инклузивни и на нив деца од редовната настава работеа со децата со оштетен слух и говор.
– Тие деца боеја и декорираа чадори и чаши, а беа изработени и голем број креации, од кои произлезе инсталацијата „Јас и ти, едно сме“. Насловот на оваа изложба ја покажува и идејата за постоењето на овие проекти – рече координаторката на „Уметност за сите“.
Димитрова истакна дека за да бидат задоволени медицинскиот и социјалниот аспект на работилниците, како и за постигнување на крајната цел во проектот, во него беа вклучени експерти за децата со посебни потреби, стручни лица од областа на сликарството, дефектолози што помагаа и ги насочуваа децата и овие млади луѓе полесно да се изразат. Тие им пренесуваа знаења како да ја научат техниката за работа, како да работат во групи, но и како да се почитува индивидуалноста.
Маја Димитрова потсети дека императив за правилен развој на секое дете е обезбедувањето услови за слободно изразување на неговите таленти, без наметнување шеми и готови решенија со кои ќе се ограничи слободното творење.
– На тој начин тие внесуваат спонтаност, индивидуалност и нудат креативни решенија. Со ваквиот пристап, секое дете се изразува на свој оригинален начин. Ваквите проекти докажуваат дека децата со посебни потреби имаат исклучително голем творечки потенцијал и тој требаше само да се препознае и уважи. Националната галерија на Македонија со години организира проекти посветени на ранливите категории деца и таа наша грижа ќе продолжи и понатаму – рече Димитрова.
Меѓу стручните лица што учествуваа во проектот беа и професорите Беди Ибрахим од Факултетот за ликовни уметности – Скопје и Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија, при Филозофскиот факултет. За Беди Ибрахим, „Уметност за сите“ е еден од корисните, хумани и професионално организирани проекти, преку кој и самиот тој придонел за радоста на заедничкото дружење и креирање со децата со посебни потреби, кои за жал, како што нагласи, многу често се заборавени од општеството.
ПОЗИТИВНИ ЕФЕКТИ ОД АРТ-ТЕРАПИЈАТА
– Овие проекти се благородни и повеќе од потребни и, секако, би им помогнале на овие деца да се интегрираат во секојдневниот живот – укажа Ибрахим, додека, пак, Владимир Трајковски нагласи дека арт-терапијата кај децата со посебни образовни потреби придонесува за позитивни промени во нивното социјално однесување и во нивниот фокус на внимание.
– Арт-терапијата кај децата со аутизам може да биде ефективна при долготраен третман во групи или индивидуално, бидејќи процесот на креирање уметност го стимулира когнитивниот и емоционалниот развој, овозможува врски и води кон намалување на деструктивното однесување. Сите четири работилници беа мошне посетени, децата радосни од своите дела, што, секако, води кон нивна поголема самодоверба. Ова треба да биде одличен стимул и други организации да се вклучат во културолошката инклузија на лицата со попреченост во Македонија – смета Трајковски.
Со овој проект е овозможено да се надмине стигматизацијата на овие деца и да се прифатат различностите како битна алка во развивање на важните човечки карактеристики. Преку реализираните активности децата ја добија најдобрата терапија, социјализацијата, како и поддршката дека не се заборавени од општеството, вели Маја Димитрова
Запрашана дали и во иднина Националната галерија планира да реализира проекти од типот на „Уметност за сите“, со чија и со каква поддршка, нејзината директорка Дита Старова Ќерими деновиве рече дека овој проект покажа дека ако се пристапи со голема професионалност и посветеност кон една кауза, таа ќе биде препознаена и вреднувана, а секако и пример за другите институции.
– Проектот сам по себе е замислен да вклучи професионалци од сите области што се потребни за да се работи со одделни категории деца. Дополнително се потребни средства за да се овозможи транспортот на децата од другите градови, бидејќи зборуваме за проект наменет за сите, не само за тие што живеат во Скопје. Реализиравме и две трибини што беа поддржани од министерот за образование и наука Арбер Адеми и од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска со нивно присуство. Среќни сме што целиот проект „Уметност за сите“ се одвиваше под силна поддршка на холандската амбасада, која и по завршувањето силно стои зад нас за да најдеме нови финансии, а во преговори сме со неколку организации и институции за тоа и да се реализира на соодветен начин. Секако, Националната галерија во својата редовна програма поддржана од страна на Министерството за култура ќе има одлична програма наменета за сите групи деца. Преку секоја работилница сме сѐ посилни дека заедно можеме да бидеме светла иднина за едно општество што ќе се едуцира преку убавата уметност без предрасуди – рече Старова Ќерими.