Никој од нас во ниту еден момент не смее да заборави дека преку приказната детето спознава еден непознат, богат и прекрасен, но и суров свет, кој во себе крие чудни и чудесни ликови и случувања
Нови книги: „Детето со ѕвезда на челото“ на издавачот „Просветно дело“
Македонското народно творештво е богата ризница без дно. Со векови македонскиот народен раскажувач плете приказни, кои се пренесуваат од колено на колено, од генерација на генерација. Денес, кога современото дете е во чекор, но и во трка со современата технологија, која го заведува со својата дигитална супермоќ, се поставува прашањето кој е виновен детето или возрасните, кои заборавија да им раскажуваат приказни за добра ноќ на своите деца.
Но, за среќа, на тоа не заборавија уредничките тимови во „Просветно дело“. По иницијатива на одговорната уредничка Ксенија Трајчева, за да му се доближи македонското народно творештво на современото дете на начин што ќе биде примамлив, инспиративен и предизвик во исто време, во списанието за деца „Другарче“ е воведена редовна рубрика „Македонското народно творештво“. Како резултат на големиот интерес на читателската публика за овој вид литература, денес го имаме ексклузивното издание во тврд повез „Детето со ѕвезда на челото“, во кое, поделено во три дела „Детето со ѕвезда на челото“, „Волшебната капа“ и „Сонот на врапчето“, е направен избор на волшебни и реалистични приказни, како и басни од македонското народно творештво, адаптирани соодветно на возраста на децата.
Како приредувач на ова издание се јавува д-р Ана Витанова Рингачева, која нурнува во бескрајниот и шаренолик свет на нашата народна приказна и на еден приемчив, разбирлив јазик и стил, со збор и слика, бајколикиот свет на приказната го доближува до децата. Го разубавува и збогатува нивниот свет, ги доближува до изворот на севкупното литературно творештво, оти приказната е и мајка и татко на пишуваната литература.
Благороден и корисен е трудот што авторката го вложила во оваа богато илустрирана книга за деца. Таа со тоа го исполнува и заветот на нашиот познат литературен творец и голем познавач на литературата воопшто Душко Наневски, кој во предговорот на својата книга „Самовилското коњче“ пишува: „Како сите народи, и Македонците во својата народна уметност создале чудесно убави бајки. За жал, никој досега не се сетил да ги одбере од старите зборници во кои се печатени и да им ги направи достапни на децата, во одделна книга бајки, во облик што им е близок. Цели генерации наши деца, затоа што немаа таква книга, досега растеа речиси без допир со волшебното дејство на македонските бајки…“1 (Курзивот мој, И.К.) Еве, се најде уредничката Ксенија Трајчева, која ги спои Ана Витанова Рингачева, како приредувачка, и Александра Хаџи Наумова Атансовска, како илустраторка, барајќи од нив како со адаптацијата на текстовите, така и со ислустративниот пристап безусловно да го освојат вниманието на малиот читател. И тоа беше добитна комбинација, која успешно го исполнува аманетот на Душко Наневски, оставен пред повеќе од 40 години.
Никој од нас, во ниту еден момент не смее да заборави дека преку приказната детето спознава еден непознат, богат и прекрасен, но и суров свет, кој во себе крие чудни и чудесни ликови и случувања. Уште одамна, отпрвин усно, подоцна со книги, луѓето низ приказни ги учеле децата како да гледаат на светот што ги опкружува, да размислуваат и убаво и течно да зборуваат. Со време, од волшебниот свет на сказните, децата навлегуваат во тајните на животот; почнуваат да разликуваат што е добро, а што зло; што е правда, а што неправда; што е вистина, а што лага; што е убаво, а што грдо; што е јунаштво, а што кукавичлак… Преку приказната, на најлесен и наједноставен начин учеле за умешноста да се живее и преживее. Приказната била и останала и училиште и учителка.
Во првиот дел, „Детето со ѕвезда на челото“, се опфатени реалистичните приказни или новелите, кои заземаат значајно место во нашите народни приказни. Ги има во голем број. Овој вид народни приказни и по забележувањето на настаните и по нивното сликање се реалистични. Во нив се слика животната реалност, често она што во неа е необично, но, сепак, можно. Во животниот пат на главните ликови обично доаѓа до неочекувани пресврти. Често содржат и сатирични елементи, што ги прават интересни. Главните ликови се обични луѓе, живеат во позната, најчесто селска средина, и не се разликуваат многу од своите соселани. Не располагаат со натприродни својства како јунаците од бајките, туку се истакнуваат со својот здрав, природен ум, мудрост, снаодливост, приспособливост, вештина и храброст. Децата ќе се сретнат со познат свет.
Во вториот дел, „Волшебната капа“, опфатени се сказните (волшебните приказни), кои спаѓаат во најстарите прозни народни творби. Тие се темелат на фантастична основа. Во сказните се појавуваат фантастични суштества, а вистинските луѓе добиваат натприродни особини. Во еден постар дел сказни е дадена, во раскошно фантастични, но карактеризирани слики, човековата борба против замислените непријателски сили во природата. Читајќи ги овие приказни, децата ќе навлезат во светот на сказната, која отсекогаш го изразувала копнежот на човекот за поведар и поправеден живот, вербата во силата на човекот што ги совладува и најсуровите сили и помага човечката благодарност да ги избегне сите опасности, а на човечката фантазија ѝ дава незамисливи дострели во откривањето на бесконечните пространства, во соединувањето на различните појави и нивното сместување во чудесните околности на времето.
Басните, творби што на алегоричен начин укажуваат на одредени негативни појави во човечкото општество, се презентирани во третиот дел – „Сонот на врапчето“. Тие се кратки приказни со нагласена поука. Блиски се до приказните за животни. Народната басна се гради врз алегориски основи: плашливоста на зајакот; верноста на кучето; лукавоста на лисицата; крволочноста на волкот; храброста и силата на лавот; трпеливоста на желката итн. Тие особини на животните, усвоени во традицијата речиси на сите народи, им послужиле на творците на басните како средство за сатирично прикажување на човечкото однесување.
Внимателно одбрани и вешто приспособени, приказните од оваа прекрасна книга лесно ќе го најдат патот до своите читатели. Фактот дека таа изобилува со богати илустрации за секоја приказна е причина повеќе овие книги да пополнат една евидентна празнина во лектирата на учениците за кои е наменета.
Имајќи го предвид фактот дека оваа книга ги исполнува воспитнообразовните и естетските барања за книги од таков вид, препорачувам, а и верувам, дека ќе се најдат во библиотеки и во рацете на децата, оти за нив се наменети.
Иван Котев