Настапот на Роксана беше многу впечатлив. Ѝ посакувам да реализира извонредна
музичка кариера, која уште отсега го носи предзнакот интернационална, вели евровизискиот супервизор Јон Ола Санд

Претставничката на Полска, Роксана Венгјел (13) со песната „Anyone I want to be“ победи на 16-та „Детска евровизија“, која се одржа во неделата во Минск, Белорусија.
– Ова девојче е полно со енергија и секогаш го прави она во што најмногу верува – велат сите што ја познаваат Роксана, или Рокси како што ја викаат.
Таа е победничка на првата сезона на музичкиот избор на најдобар детски глас во Полска, а еве сега ѝ ја донесе и првата евровизиска победа на својата земја.

Нашата претставничка, тринаесетгодишната Марија Спасовска, го освои 12-то место. Таа имаше одличен настап, без трема и многу впечатливо ја испеа баладата „Дома“, на композиторот Дарко Димитров, кој досега неколкупати учествувал на детската и на евровизијата за возрасни.

Победникот не беше познат до крајот на гласањето, а борбата се водеше меѓу фаворитите: Франција и Австралија. Пресудни беа гласовите на стручното жири, кои Полска од средината на табелата ја искачија на самиот врв.
Роксана освои вкупно 215 поени, збир од гласовите на публиката и на стручното жири. Новина годинава е што и жителите на земјата од каде што доаѓаа учесниците можеа да го дадат својот глас за својот претставник.

Марија освои вкупно 99 поени, а двете 12-ки ги добивме од Србија, на која македонското жири ѝ додели само 2 поена, и од Казахстан.
Пo неколкугодишното учество на овој избор, со песни што не можеа да го пробијат мразот и едвај некој веќе се сеќава на нив, годинава МРТ, носител на лиценцата за учество на „Детскиот евросонг“, со песната „Дома“ и со одличната емотивна интерпретација на Марија, го направи вистинскиот погодок. И убавиот видеозапис секако придонесе песната да допре до поголем број слушатели во цела Европа и пошироко.

Марија Спасовска

Второто место за Франција го освои Анжелина, која освои само 12 поени помалку од победничката, а трета е Австралијката Џејел, која освои 201 поен.
Годинава во арената „Ми­н­с­к“, во истоимената метропола на Белорусија, за победа се натпреваруваа 20 млади пејачи од Европа и од Австралија, што е најголема бројка досега.
Дебитанти на овој избор беа Велс и Казахстан, земји-повратнички се Азербејџан, Израел и Франција, додека Кипар се откажа од учеството.

Јуниорскиот евросонг по вторпат се одржува во Белорусија, првпат тоа се случи во 2010 година. Свеченото отворање на манифестацијата се случи на 19 ноември во „Експо-центарот“, по што следуваа пробите за што подобро претставување на децата-учесници на овој престижен фестивал.
На фестивалската сцена продефилираа деца-таленти, кои пленеа не само со својот глас, туку и со однесувањето и харизмата, па затоа сосема се оправда слоганот на годинашниот избор „Блескајте“! (LightUp). И самото фестивалско лого беше стилизирана утринска ѕвезда, направена од звучни бранови.

Домаќините од Белорусија подготвија забавна двочасовна програма, која не отскокнуваше од вообичаениот евровизиски шаблон. Сцената ја дизајнира Галина Гомонова. На свеченото отворање настапија и водителките на годинашниот избор Зена и Хелена Мераи, заедно со 200 млади танчари, на возраст од 6 до 13 години. Подоцна ним им се приклучи и третиот водител Евгениј Перлин. Имаше и дефиле на учесниците, а пред секоја песна се емитуваше интересна разгледница со убавините на Минск, но и на Белорусија.

На почетокот на ревијалната програма настапи минатогодишната победничка Полина Богушевич од Русија, која ја испеа песната „Wings“, со која победи лани, а потоа сите учесници заедно ја испеаја и официјалната песна на годинашното шоу.
Сѐ уште не е познато кој ќе биде домаќин на „Детски евросонг 2019“. Засега се кандидираа Ерменија и Казахстан, а Украина ја повлече кандидатурата.
Евровизискиот супервизор Џон Ола Санд е повеќе од задоволен од целокупното шоу, талентот на учесниците и од песните што ги исполнија.

– Годинашниот избор беше најквалитетен и најдобар досега, настапија многу талентирани момчиња и девојчиња од цела Европа и од Австралија. Иако многу млади, сите се однесуваа многу професионално и со голема страст беа дел од ова феноменално шоу, со огромна гледаност во светот. Настапот на Роксана беше многу впечатлив. Ѝ посакувам да реализира извонредна музичка кариера, која уште отсега го носи предзнакот интернационална – рече Санд. 


На сцена од четири години

Веднаш откако Марија Спасовска ја отпеа песната „Дома“ на евровизиската сцена во Минск во неделата, на социјалните мрежи можеа да се прочитаат многу честитки и комплименти упатени до неа.
Песната испраќа топла и хумана порака до сите деца во светот, со музика и аранжман на Дарко Димитров, а текстот е на Елена Ристеска и на Дарко Димитров.
Ова талентирано тринаесетгодишно девојче не е без искуство на големи сцени и манифестации. Таа беше дел од актерите што играа во мјузиклот посветен на Тоше Проески, „Тајно моја“. Во нејзината биографија се запишани дваесетина признанија, награди и дипломи од домашни и меѓународни фестивали. Минатата година имаше забележителен настап и на реномираниот „Славјански базар“.
Освен што оди во основно, Марија посетува и музичко училиште, каде што свири на пијано и на виолина.
Својата прва песничка „Моето кукле“, таа ја снимила кога имала само четири години. Марија има и свое цеде со седум детски песнички што ги исполнила на различни фестивали. Својата прва тинејџерска песна „Играј со срце“ таа ја снимила на 12 години, а исто така има и свој јутјуб-канал, каде што можат да се слушнат нејзините изведби на познати светски хитови.