На првиот Меѓународен фестивал за млади музичари во Штип
На првиот Меѓународен фестивал со натпреварувачки карактер за млади музичари, кој се одржа неодамна во Штип, ученикот Марко Солески од класата на м-р Мендо Ташкоски при ООМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ од Прилеп ја освои првата, специјална награда во категоријата традиционални народни инструменти.
Тој е ученик во шесто одделение во ова музичкото училиште, а на натпреварот одлично ги свиреше женското оро Драчевка, Кумановско и орото Ситна лиса. Омилени му се сите композиции што се базираат на македонскиот фолклор.
Неговите наставници велат дека Марко е талентиран ученик што доколку продолжи да го надградува својот талент многу ќе даде на полето на македонската традиционална музика.
Овој натпревар се одржа првпат оваа година во организација на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ од Штип. Во петокот на 20 ноември се одржа и онлајн концерт со најдобрите точки, каде што учествуваше и првонаградениот Марко Солески.