Привршуваат последните подготовки за 19-то издание на детскиот интернационален музички фестивал „Ѕвездички“, кој ќе се одржи во Прилеп на 12 и 13 октомври, во ЦК „Марко Цепенков“. Во градот под Марковите кули ќе допатуваат учесници од повеќе европски држави: Русија, Украина, Србија, Бугарија, Унгарија. Хрватска, Словенија, Малта, Казахстан, кои ќе се натпреваруваат исполнувајќи свои авторски композиции.
Музичкиот фестивал „Ѕвездички“ е единствениот интернационален детски фестивал во Македонија, организиран од „Естрада мултимедија центар“. Фестивалот продуцира певливи детски рефрени и од децата учесници прави нови ѕвездички.
– Исто така, преку фестивалот се создаваат нови пријателства, децата се дружат врз основа на меѓусебна толеранција и разбирање, а воедно се надминуваат културните разлики меѓу децата од голем број земји во светот. Фестивалот е едно големо детско шоу, во кое учесниците имаат можност да ги покажат своите таленти и способности – вели директорот на фестивалот Марјан Катароски.
Освен настапите на фестивалот, децата ќе ги покажат своите вештини и во подготвувањето вечер на национални кујни, меѓу кои, се разбира, ќе има и македонска вечер, а гостите ќе бидат запознаени и со знаменитостите на градот.