Основното училиште „Кочо Рацин“ од Охрид беше дел од глобалниот проект за издигање на свеста за климатските промени „Клајмат екшн проџект“, во кој учествуваа повеќе од 2,6 милиони студенти и ученици од 135 земји.
Климатските промени се реалност, а образованието е клучно за да поттикнеме и за да внесеме промена во размислувањето и однесувањето на учениците, велат од училиштето.
– Проектот беше поддржан од македонскиот претседател, Стево Пендаровски, и од многу други светски државници, познати научници, јавни личности, влади и организации. И покрај предизвиците на денешното време, поради пандемијата на ковид-19, интернет-комуникацијата и пристапот до технологијата и ресурсите за реализација, проектот успешно се реализира под раководство на наставничките: Виолета Петковска, Татјана Лошкоска, Силвана Кртеска и Јованка Анѓелкоска – велат од ОУ „Кочо Рацин“.
Учениците во текот на шест недели ги истражуваа причините и ефектите од климатските промени, дискутираа, создаваа и се обидуваа да најдат решенија за проблемите. Се приклучија и на виртуелна средба со учесници од Бразил пред кои ги презентирале убавините на Охрид и Охридско Езеро, дел од еколошките проблеми и дискутирале за можните решенија за намалување на ефектите од климатските промени.
На 5 ноември се одржа настанот „Клајмат екшн деј“, на кој учествуваа ученици од целиот свет, споделувајќи ги своите размислувања и решенија за климатските промени. Имаше ексклузивни интервјуа со д-р Џејн Гудал и претседателот Хуан Мануел Сантос, кои одговараа на прашањата на учениците. Сем Барат и Ден Шепард од ОН, Мет Ларсен-Ду и Фернанда Карвалхо од ВВФ и д-р Рик Дејвис од НАСА ги споделија своите мислења и искуства за животната средина и универзумот, а младата активистка Ванеса Некате и белгиската принцеза Есмералда се вклучија во инспиративен разговор за образованието на девојчињата како решение за климатските промени. Свое обраќање имаше и македонскиот претседател, Стево Пендароски, кој ја истакна важноста на образованието за климатските промени.
– Образованието е клучно за промена на однесувањето и размислувањето на учениците за општеството. Треба да разбереме дека учениците можат да направат многу повеќе од меморирање факти за климата и за животната средина. Тие имаат капацитет за реални решенија и за преземање активности за подобар свет – истакна основачот на „Клајмат екшн проџект“, Коен Тимерс.