Ликовна манифестација на тема „Творење и креирање дела од отпад од пакување“, која се одржа во петокот во Кинотеката на Македонија, уште еднаш ја покажа големата креативност на над двесте учесници, млади творци од основните и средните училишта од нашата и од соседните земји.
Целта на оваа традиционална ликовна манифестација, која се организира секоја година, е издигнување на јавната свест на младите генерации преку креирање творби и дела од отпад од пакување.
Главната идеја е на младите ликовни творци да им се овозможи преку изразување на уметничката имагинација да визуализираат уметнички творби од отпадот од пакување. На овој начин ќе се упати јасна порака до свеста на секој поединец дека отпадот е ресурс со соодветна употребна вредност.
На творците за најуспешните и најкреативните ликовни дела, оценети од ликовните педагози при Детскиот ликовен центар-Скопје, им беа доделени групни и поединечни награди.
Настанот беше во организација на Детскиот ликовен центар-Скопје, со финансиска поддршка од Колективниот постапувач за управување со пакување и отпад од пакување „Еуро-екопак“ Скопје.