Oсвен авторката, на промоцијата учествуваа и учениците од ООУ „Страшо Пинџур“ од селото Мало Коњари, со нивната наставничка Ленче Петкоска, кои преку рецитал ја претставија сликовницата
Во организација на домот на културата „Кочи Рацин“ – Скопје, во петокот се одржа промоција на сликовницата „Ноли и детелинката“, од поетесата Вера Андон. Освен авторката, на промоцијата учествуваа и учениците од ООУ „Страшо Пинџур“ од селото Мало Коњари, со нивната наставничка Ленче Петкоска, кои преку рецитал ја претставија сликовницата.
Поетесата беше пресреќна што токму децата од училиштето во кое и таа учела беа учесници во оваа, по многу нешта, необична промоција. Дел од сликовницата ни претстави и малечката Анастасија oд ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ од Скопје, која е прв читател на оваа книга, уште пред истата таа да биде отпечатена.
Оваа книга излезе од печат минатата година, но продолжува да ги освојува детските срца и надвор од границите на државава. Имено, гостинка на промоцијата беше и поетесата, наставничка и преведувачка Снежана Алексиќ Станојловиќ од Нови Сад, која ја препеа „Ноли и детелинката“ на српски јазик, па наскоро се очекуваат српско издание на оваа сликовница и промоции низ Србија. Посебно изненадија со својот настап учениците од ОУ „Велко Влаховиќ“ од Нови Сад, кои под менторство на Снежана Алексиќ Станојловиќ презентираа дел од препевот на оваа сликовница.
– Поетесата Вера Андон емотивната приказна мајсторски ја сместила во дијалог, напишан во стихови, со рима, што на децата им овозможува лесно читање и внимание во континуитет. Токму поради тоа, заради фабулата, сместена во дијалошка форма, а проследена со објаснувања од нараторот, оваа сликовница е привлечна за драматизација во воспитно-образовните установи во разни пригоди и за разни поводи – рече на промоцијата преведувачката и искусна наставничка Снежана Алексиќ Станојловиќ.
На настанот се обрати и илустраторот Кристијан Јованоски, кој ја истакна важноста на меѓусебното разбирање, чувствување и комуникација меѓу авторот на текстот и авторот на илустрациите и кажа дека токму добрата спојка во овој случај дала квалитетен плод – убаво издание.
Издавачот на оваа книга, еминентната издавачка куќа „Топер“, која следната година ќе прослави триесет години од своето постоење, на сите деца учесници во промоцијата од Македонија и од Србија, им подари по еден примерок од книгата што се промовираше, во знак на благодарност и како скромен подарок за празниците што доаѓаат.
– Сета оваа приказна нѐ поучува на вистинските вредности, а тоа значи да се однесуваме со почит кон секого, да не ги делиме луѓето според надворешниот изглед, туку да ги цениме според нивната добрина и внатрешна убавина – вели рецензентот на книгата Филип Димкоски, кој имаше улога на промотор и водител на овој настан.
Раскажувачот:
Детелинка една
со четири листа
како цвет иста,
погалена беше
од детска рака,
и праша вака:
Детелинката:
Малечка сум, но
иста сум ко цвет,
детенце мило
та, нели е така?
Раскажувачот:
А цвет еден црвен
извишен и згоден
– убавец роден,
се заниша на ветрот,
и рече важно:
Цветот:
Па ова е тажно…
Зошто се крева
без причина врева
детелинке убава?
Ти не си цвет,
туку обична трева!
Раскажувачот:
Стегната цврсто
во малото раче,
детелинката слушна:
девојчето плаче…
Детелинката:
Зошто плачеш
детенце мило,
и ти ли го слушна
цветот што се фали,
и нѐ налути,
сите што сме мали?
Но ти биди среќна
зашто крај мене
многу свет мина
но само ти ме виде
и само ти ме скина…
Ретки сме ние
со четири листа,
треба да минеш
ливади многу
за да најдеш друга
како мене иста.
Раскажувачот:
Девојчето липаше
и низ солзи виде,
пеперутка лета,
накај цветот иде.
Девојчето:
Пеперутке,
пеперутке
слушна ли цветот
на детелинката
што ѝ вели…
Раскажувачот:
Девојчето праша
и скришно ги избриша
солзите врели…
Пеперутката:
Како не,
како не, мила! –
Раскажувачот:
Пеперутката свика,
застана и замавна
со крилцата нежни,
белички, снежни…
Пеперутката:
Еве, слетав на цветот
но знам, невидлива
за него сум јас,
без право на глас.
Ти оди си малечка,
те чека мама
долго се задржа,
ќе се изгубиш сама…
Раскажувачот:
На цветот кој сакаше
разговорите да ги слуша,
му се растажи набрзо
мирисливата душа…
Пеперутката
и девојчето,
двете тие,
сигурни беа
дека цветот спие…
Но не, но не!
Грешеа тие две!
Господар на паркот
отсекогаш тој
сакал да биде
и секој ден за тоа
мечтае и сони…
Цветот стана тажен
и по лицето убаво
течеа солзите
што почна да ги рони,
еден глас непознат
му ѕвони и ѕвони…
Знам дека се чудите
од каде ли солзи
кај толку убав цвет!
Ќе почнеме со ред…
Да ви раскажам
што точно видов јас?
Јас видов:
една убава лика,
и слушнав
еден нежен глас,
што довикува, вика…
Гласот нежен
е гласот на мама,
носи шарен фустан
и шапка од слама.
Зар оваа мама
го расплака цветот? –
некој нешто згрешил,
дилемата треба
веднаш да се реши!
Го фати мама рачето
на ќеркичката своја
се загледа во цветот –
оној со црвена боја,
што на секој минувач
поглед му влече
ко сега на мама,
која воздивна и рече:
Мама:
Преубав е цветов
со црвена боја,
но ајде, доцна е,
да си одиме дома,
пеперутке моја!
Девојчето:
Мамо види ја
детелинкава
со четири листа,
малечка е
но како цвет е иста…
Раскажувачот:
Се насмевна Мама
и по косичката
почна да ја гали –
рацете се допреа,
големи со мали!
Пеперутката Лете,
ја виде Мама
гласот нејзин мил
и таа го слушна,
ја поздрави Мама,
а девојчето го гушна…
Среќна беше
пеперутката Лете,
летна накај Мама,
а, Мама се израдува –
ко и таа да е дете…
И Мама и девојчето
среќни беа двете,
почна силно срцето
да им чука, да им бие –
среќата се гледа,
таа не се крие,
па, и цветот ги виде
и мислеше:
Најсреќни суштества
на светот се тие!
Раскажувачот:
КАКОВ Е КРАЈОТ?
И знам се прашувате,
во оваа сказна
каков крај се крие:
Цветот среќен ли е,
тагува уште,
или цврсто спие?…
И НА КРАЈОТ,
ЗА ВИСТИНСКИОТ КРАЈ!
Цветот:
И покрај убавината моја,
пеперутки и тревки
се господари на светот! –
Раскажувачот:
се растажи цветот…
Цветот:
Ветренце, ветренце
дали ме слушаш,
зар е важна убавината,
кога имаш тажна душа?…
Ветренце, ветренце,
дали ме слушаш?…
ЗА ЈУНАЦИТЕ НА ОВАА СКАЗНА
На крајот како и во сите сказни
jунаците си имаат имиња разни.
Само мајката што не си ја остави ќеркичката сама,
не дознав како се вика и ја нареков МАМА.
Мајката: МАМА
Детелинката: ЛЕНИ
Девојчето: (Синоличка) – НОЛИ
Цветот: ЛАЛЕ
Пеперутката: ЛЕТЕ
Раскажувачот: ВЕРА АНДОН
(Извадок од сликовницата „Ноли и детелинката“ на Вера Андон)