Во зборуваме македонски за грешките во пишувањето на гласовите.
Да, драги мои, овие грешки ги најдов во книги, учебници списанија. Сега ќе се обидам една од нив да ставам во една ваква ситуација. Митре и Митра уживаат.
– Уф, колку убав предел! – воздивна Митра.
– Погледни лево!… Ја гледаш рекичката? – се топи Митре.
– Гледај, се назира езерото! – потскокна Митра.
Не откривам на кое место биле Митре и Митра, но забележувам нешто интересно. Во зборот наѕира ми се пристори како да чув З наместо Ѕ. А, некои и така го пишуваат. Ние заклучуваме: не назира, туку наѕира.
Бидејќи сите по нешто учиме, за најдобрите ученици еден мој омилен афоризам: Ќе молчам сѐ додека не ми забраните да… зборувам!
Чувајте го јазикот!
„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!