Елена Николоска

Со литературно читање на домашни поети и на ученици од две основни училишта, „Христо Узунов“ и „Санде Штерјоски“, во Центарот за култура во Кичево, во четвртокот, беше одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

– Мајчиниот јазик е силен инструмент за зачувување и развивање на идентитетот на еден народ. Промоцијата и ширењето на мајчиниот јазик се неопходни за заштита на културните традиции во светот, кои ги зацврстуваат разбирањето, толеранцијата и дијалогот меѓу народите. Грижата за мајчиниот јазик е света обврска за сите нас од сите генерации – посочи Елена Попоска-Петреска од Центарот за култура.

Ученичките од ОУ „Христо Узунов“ од седмо и од осмо одделение, Анастасија Јаковческа, Евгенија Спасеска и Елена Николоска, по литературното читање на своите творби истакнаа дека за нив изразувањето на мајчиниот јазик и неговото постоење е траен белег на еден народ.

– Јазикот е континуитет што секогаш ќе нѐ следи и вонвременски ќе трае додека постоиме како живи суштества. Токму затоа за сите нас трајна обврска е да го негуваме, чуваме и да го сакаме мајчиниот јазик со сите карактеристики и убавина што ги поседува – истакнаа кичевските ученички.


Јазикот мајчин е еден

Јазикот мајчин наш
е јазикот на кој зборуваме.
И со негова помош
меѓусебно се разбираме.
Јазикот мајчин наш
нѐ образува, нѐ поврзува.
Ни дава писменост, нѐ школува
јазикот нѐ обединува.
Јазикот треба да се почитува,
јазикот треба да се негува.
Јазикот мајчин е еден,
јазикот мајчин е највреден.

Ели Маказлиева


Мајчиниот јазик

Јазикот на којшто зборуваме
на кој мислиме и пишуваме –
како кон него да се однесуваме,
да го сакаме и чуваме?

На јазикот треба да си одан
низ тебе да струи како вода
да те грее како силен оган
како нешто твое – крв и рода.

Како што шуми душата,
телото трепери и срцето пее
така јазикот мајчин ја гасне сушата,
со мудрост нѐ полева и во нас зрее.

Сузана Мицева