Над 750.000 прегледи за македонските претставници
на „Детскиот евросонг“!
Веќе со над 700.000 прегледи, поточно 754.000 од објавувањето на видеото за песната „Green forces“, како и со високи позиции на листите на моментално најпопуларните, македонските претставници на „Детскиот евросонг“ во Париз, децата од популарната ТВ-серија „Дајте музика“, се издвојуваат како едни од фаворитите за победа. И коментарите за песната се многу позитивни, а пристигнуваат од целиот свет.
А Кристина, Анастасија, Миха и Филип со развиорени македонски знамиња на социјалните мрежи им се заблагодарија на сите обожаватели за поддршката што ја добиваат.
Македонските претставници пеејќи за „Зелените сили“ поставија прашање до својата публика: „Што направивте за нашата планета денеска?“
Музиката за „Green Forces“ ja напиша Роберт Билбилов, а текстот е на Робин Зимбаков. Видеоспотот е на „Вертиго вижуалс“, а во продукција на „Рифенштал“. Детскиот евросонг ќе се одржи на 19 декември во Париз, Франција.
Четворицата тинејџери се дел од тимот од околу триесетина талентирани деца што учествуваат во снимањето на ТВ-серијата „Дајте музика“, која е продолжение на истоимената серија за деца од пред дваесетина години на истата телевизија. Тие велат дека немаат трема и се радуваат на скорашното патувањето во француската метропола. Тие открија и дека снимањето на претходните две сезони и на третата, која ја реализираа летово, многу ги променило и оти за нив ова е едно скапоцено и незаборавно искуство.
Инаку, децата од „Дајте музика“ се сретнаа со албанската претставничка на Детскиот евросонг, популарната Ана Ѓебреа. Во студиото на Македонската телевизија, Ана пееше на македонски за спас на планетата Земја, а од „Дајте музика“ одговорија на албански: „Ќе бидеме покрај тебе!“
Песната на албанската претставничка Ана Ѓебреа ја третира темата за врсничко насилство, со наслов „Stand by You“ (Ќе бидам покрај тебе). Во најновото видео објавено на социјалните мрежи, децата од „Дајте музика“ му се заблагодарија на организаторот на „Детски евросонг 2021“ за можноста за здружување на гласовите против четирите најгорливи теми што ја засегаат токму оваа генерација: врсничкото насилство, загадувањето, климатските промени и глобалното затоплување воопшто.