Наставничката Даниела и нејзините 32 ученици, дел од родителите и неколкумина надворешни соработници, филмот насловен „Еден дн на мицајте трмќе у амзо време“, што преведен од тетовски дијалект значи „Еден ден на малите пчелки во старо време“, го снимаа во Тетово, Пожаране и на други места
Четвртоодделенци од тетовско училиште „Братство“, предводени од нивната одделенска наставничка Даниела Апостоловска, направија документарен филм за настанувањето на староградската народна песна: „Благуњо дејче Пожаранче“ за симболично означување на крајот на учебната година. За филмот, деновиве, имаше и промоција пред пошироката публика во центарот за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово.
Наставничката Даниела и нејзините 32 ученици, дел од родителите и неколкумина надворешни соработници, филмот насловен „Еден дн на мицајте трмќе у амзо време“, што преведен од тетовски дијалект значи „Еден ден на малите пчелки во старо време“, го снимаа на неколку места. Во филмот се говори на тетовски дијалект, со користење на изворната народна музика. Тие во филмот одат во Пожаране од каде што потекнува Благуња и почнуваат да раскажуваат како се одвиваат случките по кои е испеана народната песна.
– Воспоставивме контакти со луѓе што можат да ни помогнат за да ги доловиме традицијата и автентичноста на настанувањето на песната. Пронајдовме стари тетовски носии од амзо време како што се кажува во филмот. Со жителите на родното место на Благуња – Пожаране имавме одлична соработка. Нѐ пречекаа и нагостија, снимавме на неколку локации таму. Тие беа воодушевени од нашата идеја за филм за нивната Благуња опеана низ цел свет да биде ставена на филм посебно дека станува збор за деца – ни рече наставничката Апостоловска.
Снимањето продолжило во Тетово. Предизвик за децата било точното изговарање на стариот тетовски дијалект, носењето градски костуми и фустани.
– Учениците се соживеаја со улогите на тетовските госпоѓи и господа, кои живееле во минатото. Од Пожаране дојдовме во стариот дел на нашиот град каде што во сите оние сокачиња каде што можевме да ја најдеме традицијата од она што останало. Работејќи на терен забележавме и видовме дека сѐ уште духот на нашето Тетово, кое може да се долови сѐ уште дише на тетовската калдрма доколку се расчепка, а ние го расчепкавме и да го доловиме онака како што било некогаш – продолжи наставничката.
Даниела Апостоловска на крајот на секоја учебна година наместо класична приредба за учениците реализира различни случувања. За нивната оригиналност говорат завршните проекти во изминатите години, како песната „Малите пчелки пеат“ и снимањето видеоспот за нивното одделение.