Елена Дамеска, 14-годишна пијанистка
Елена Дамеска од Прилеп има само 14 години, а веќе има освоено голем број награди на натпревари по пијано. Последната е лауреат на Пијано-маратонот во организација на ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“, каде што го изучува пијаното во класата на професорката Христина Никоска-Тасеска. Претходно има освоено прва награда на интернационален натпревар за класична музика во Велес во 2018 година, прва награда на меѓународен натпревар во Гевгелија и втора награда на Државен натпревар во 2016 г.
Ова надарено и амбициозно девојче веќе осум година свири на пијано.
– Пијаното како инструмент го избрав бидејќи ме привлече неговиот мелодичен звук. Омилени композитори ми се Бетовен, Шопен, Моцарт – вели Елена, посочувајќи дека на Пијано-маратонот се претставила со композицијата Heimweh (Home-sickness) од Едвард Григ – вели Елена.
Неуморна е кога се работи за свирењето на пијано.
– Најмалку по час и половина секој ден свирам, а понекогаш и многу повеќе – вели младата пијанистка.
Инаку, Дамеска учи во деветто одделение во ОУ „Кочо Рацин“. Одлично ѝ оди и учењето, а освен што сака да свири на пијано, сака и да пее.
– Кога сум со другарите и другарките сакам да пеам популарни песни – објаснува Елена Дамеска.
Таа додаде дека во иднина, освен наградите дома, ќе се потруди да освои признанија и во странство. Ка.М.