Се претставив со мојата лична творба „Татковина“, која беше наградена за најубава родољубива песна, а рецитирав и стихови од Шантиќ. Пресреќна сум што учествував на овој прекрасен фестивал и што се дружев со деца од многу земји, со кои низ песна и дружба го славевме поетот Шантиќ, вели младата поетеса Софија
На седмиот едноподруго „Шантиќев фестивал за деца поети“, кој се одржува во чест на големиот поет Алекса Шантиќ во Мостар, Македонија ја претставуваа ученичката Софија Оџаклиеска и наставничката Сузана Николоска од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп.
Седмоодделенката Софија не само што имаше забележителен настап и што се претстави во најдобро светло туку и се закити со награда за најубава родољубива песна на фестивалот, како една од осумте финалисти од вкупно пристигнати две илјади песни од деца поети од Словенија, Србија, Македонија, Црна Гора, Хрватска и од Босна и Херцеговина.
– Се претставив со мојата лична творба „Татковина“, која беше наградена за најубава родољубива песна, а рецитирав и стихови од Шантиќ. Пресреќна сум што учествував на овој прекрасен фестивал и што се дружев со деца од многу земји, со кои низ песна и дружба го славевме поетот Шантиќ – ни рече младата поетеса Софија, која сѐ уште е под импресии од фестивалот што се одржа на први и втори февруари.
Учениците чија менторка е наставничката Сузана Николоска веќе петта година се финалисти на овој фестивал, организиран од СПКД „Просвјета“ од Мостар, БиХ, кој важи за еден од најдобрите фестивали за детско творештво во регионов.
Организаторите на овој фестивал, особено директорот Горан Косаниќ, со широка прегратка,топол прием и љубезност ги дочекуваат сите деца поети, како свои гости. Програмата содржи многу активности низ кои младите поети имаат можност да се едуцираат за животот и делото на Шантиќ, кој живее во колективната меморија на градот Мостар, да добиваат насоки како да ги развиваат вештините во пишувањето, но и да се дружат и да започнат нови пријателства. Поддршката и мотивацијата што ја добиваат е од извонредно големо значење за нивното понатамошно поетско издигнување..
Годинава во финалето на овој фестивал беше наградена и ученичката Дариа Матевски од ПСУ „Јахја Кемал“ од Скопје, под менторство на наставничката Антоанета Тримчевиќ.
Младите учесници и нивните менторки ни рекоа дека од Мостар не ги понеле само наградите туку и спомените од убавите мигови под мостарското ѕвездено небо.
ТАТКОВИНА
Татковино моја мила
Во тебе е мојот дом
мојата љубов, мојата среќа и надеж
во тебе гнездо сум свила
Од прадедо дедо корени никнати
убавини во мугри светли бликнати
Македонска убавина светлина рајска
Расцутени цветови магија мајска
Развила лоза плодови зрели
Шумолат бранови пролетни бели
Житото расте, а и калинка цвета
Птицата со раширени крилја слободно лета
В ѓердан од ѕвезди небото блика
Татковина ѕвездена најубава слика
Прегратката твоја наш дом ветен
Земјо мила, твоето минато е славно
„Македонски непокор“, во историјата твоја
има место главно
Тешкото македонско оро е симбол за судбината твоја.
Пенливиот Вардар, низ вековите спомени чува
за војводи јунаци,борци и творци на иднината твоја.
Шумоли молика, раскажува бучен Козјак
и гордо стои Шар Планина стара.
Да чекориме по патот твој од нас историјата тоа го бара.
За радосно и среќно детство на секое дете
На небото твое сонце нека грее
Над тебе секогаш слободата да бдее
Софија Оџаклиеска, седмо одделение
ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ – Прилеп
менторка: Сузана Николоска