Со вкупно 150 поени од публиката и од жирито, Мила Москов со песната „Fire“ го освои шестото место на годинашниот „Детски евросонг“, што се одржа викендов во Гливице, Полска. Македонија по 15. пат се претстави на овој музички избор, а автори на „Fire“ се Лазар Цветковски, кој ја напиша музиката и го направи аранжманот, и неговата сестра Магдалена Цветковска, која го напиша текстот.
Инаку ова не е најдобриот настап на нашата земја на овој избор. Петто место освои Боби Андонов на натпреварот што се одржа на Кипар, 2009 година, со песната „Прати ми СМС“.
Мила ја отпеа„Fire“ маестрално и со својата изведба 14-годишната прилепчанка ги воодушеви сите присутни и измами огромен аплауз, а ја вклучуваа и меѓу фаворитите за победа.
Мила го доби највисокото признание од интернационалниот портал „Дестинејшн јуровижн“ – сертификат за најдобар евровизиски пакет според мислењето на читателите. Признанието ѝ беше врачено на македонската претставничка пред сите присутни учесници и медиуми низ директен телевизиски пренос на полската национална телевизија.
Победник на „Детската евровизија“ со најмногу освоени бодови е 15-годишната претставничка на Полска, Вики Габор, на второто место се најде Казахстан, а како третопласирана заврши Шпанија.