Како наставничка, барав и истражував кои модели, кои платформи се најпогодни за едукација на моите ученици перiодов, вели Клисарова
Од мој агол: Јадранка Клисарова, одделенска наставничка и писателка за деца
Како долгогодишна наставничка во основно образование, имав големи планови за активностите поврзани со моите ученици во оваа учебна година. Но се појави нешто непредвидено, нешто што дојде одникаде, а го зафати целиот свет – ковид-19. Оваа пандемија, која не поштеди ниту едно делче од планетата, ги сруши плановите и очекувањата на многу луѓе, а најмногу на децата, на кои им ги скрати слободата, другарувањето и едукација што се одвива во училница.
Не е лесно да се зборува колку е тежок овој период за децата, родителите и за нас наставниците. Во вакви тешки моменти бевме силни и во ниту еден момент не се откажавме од настава на далечина. Како наставничка, барав и истражував кои модели, кои платформи се најпогодни за моите ученици.
Во периодот на светска пандемија, кога учениците од целата држава беа спречени да следат редовна настава во училиштата, и наставниците се вклучија во многу образовни програми (Гугл училница, Зум, Квизис, ЕДУИНО, ТВ-училница…), за да им помогнат на учениците на најсоодветен начин да ја доближат наставната програма дадена од БРО и од МОН, да се реализира во определен временски период и да ја усвојат.
За мене најсоодветна и најприфатлива беше образовната платформа дадена од Општина Аеродром – Гугл училница. При секојдневните подготовки за поставување наставни единици на образовната платформа, се соживував со моите ученици, како тие ќе го разберат наставниот материјал и како ќе ги изработат зададените задачи.
Секоја вечер до доцна во ноќта седам и со внимание ја прегледувам секоја нивна изработка. Додека прегледувам, пред себе го имам ликот на секој мој ученик.
Во еден момент сум среќна затоа што тие мали мои ученици одлично го разбрале наставниот материјал, убаво и одговорно одговориле на задачите, но во друг момент чувствувам тага, затоа што не можам да му пријдам на секој ученик, да му укажам или помогнам како правилно и на полесен начин да ги изврши задачите. Во овие моменти согледувам колку е важна интеракцијата што ја имаме на наставните часови. Колку е важно да го гледате детскиот лик додека успешно ги завршува активностите и ликот на ученикот што има тешкотии, самиот лик ви укажува дека има потреба од вас, неговиот наставник.
Недостига зборот на наставникот и на учениците, недостига нашата табла, недостигаат другарствата, песните, игрите, детскиот џагор во училницата… Многу работи недостигаат во овој период на светска пандемија, но бевме храбри да издржиме и со голема желба ќе го очекуваме први септември, кога заедно ќе бидеме среќни во нашите училници.
Ако досега велевме дека е прекрасно и тешко да се работи со ученици, сега слободно можам да кажам дека е уште потешко да работиме со учениците надвор од училницата. Ние наставниците даваме сѐ од себе да го продолжиме образованието во ваква вонредна ситуација, со надеж да останеме со добро здравје, до следното видување.