Талентираната и млада авторка Матеа Стоев (15) напиша песна во чест на истакнатиот македонски писател од романтичарскиот период и голем просветителен и културен деец, великанот Григор Прличев (30 јануари 1830 г. Охрид – 6 февруари, 1893 година, Охрид). Тој е патрон на охридското училиштето каде што таа лани го заврши основното образование.
Минатата година Матеа го промовираше своето поетско првенче „Мојата шарена стихувалка“, а наскоро се очекува претставување на нејзината втора книга, овој пат со прозен израз.
За Прличев
Под тврдини камени Самуилови
куќарче трошно се скрило,
во него семејството Прличеви
својата животна приказна ја свило.
Марија, домаќинка вредна
и мајка и татко на четири дечиња била,
секој ден за корка леб да се бори
сал од нив таа црпела сила.
Григор знаел што значи да се нема
уште како дете, најмалото од сите,
знаел тој сиромаштија што е
знаел како во беда се минуваат дните.
Па решава тој уште од млад
со словото да другарува,
младоста, животот свој
на пишаниот збор го подарува.
Аманет оставен од дедо
по животниот пат ќе го носи,
на секој избор сем на словото
Григор доживотно ќе му пркоси.
Писанието избор
да му биде
тој цврсто,
непоколебливо
реши,
животниот век на
него го посвети
ни за миг не помисли дал згреши.
Траги пишани остави
темели на литературата постави!
,,Сердарот“ Лаворов венец му донесе
највисоката награда Прличев ја понесе.
На крајот од својот пат
тој од туѓина кон Охрид појде,
за во татковината, во домот свој
последните денови да ги пројде.
И до ден-денешен во овој свет град
споменот за македонскиот Хомер се слави,
горди сме на Прличев сите
горди што народот свој преку словото
го прослави!
Матеа Стоев