Сонот на едно дете за време на пандемијата на коронавирусот
Ангела Ручкоманова, ученичка од 5-то одделение во подрачното училиште „Јане Сандански“, во населеното место Прдејци, Гевгелиско, го живее ова време-невреме како и сите нејзини врсници. Со една разлика, што таа знае да ги изрази своите чувства преку убавиот пишан збор и сликањето. Затоа Ангела, која е скромно и тивко дете, не можеше да остане рамнодушна на сето она што се случува околу неа за време на пандемијата на ковид-19. Таа седна и својот немир предизвикан од дистанцата и новото време, како и своите чувства и размислување за оваа болест ги стави на хартија. И така се роди песната „Ново време“, под менторство на нејзината наставничка Јованка Тодоровска.
Ангела инаку е одлична ученичка, најомилени ѝ се предметите Мајчин јазик, Англиски јазик и Ликовно воспитување, а најмногу и недостигаат другарувањето, членувањето во игроорната секција, родендените на другарчињата… Љ.А.
Ново време
Некое ново време дојде,
Но, се надевам бргу ќе пројде
Чуден вирус низ светот коси,
Заштитна маска мора да се носи.
Миењето раце да биде често,
И, на два метра далечина, стој во место.
Што ли се случува сега?
Човек од човека бега.
Како да сме туѓи,
Како да сме други.
Сите сме загрижени,
Без разлика на боја и раса,
А, најмногу ми фали
Седењето со другарчиња на маса.
Сакам наставничката
Да ја фатам за рака,
Но, за жал, и тоа претставува мака.
Сакам да одам кај роднини на гости,
Но наместо тоа само кажувам,
„Не можам – прости“
Од сите зависи колку ова ќе трае,
Да бидеме одговорни
За некој да не се кае!
Ангела Ручкоманова