Среде жешкото лето сме, а без оглед на сѐ што ни се случуваше периодов и сосема ни го смени начинот на живот, ова е идеално време кај децата да ја всадиме љубовта кон книгата и кон читањето. Секако, сега имаме повеќе време да читаме, и ние и нашите момчиња и девојчиња, а и изборот е голем. Освен зададените лектири, има уште многу книги за деца што го заслужуваат вниманието и на малите и на големите читатели. Но ако на децата им недостига мотивација, запомнете, ова е вистинско време кога можете да ги „заразите“ со книги и да ги развивате нивните навики за читање.
Психолозите велат дека е одлична идејата да се воведе читањето како семеен ритуал и да се утврди дека се изведува секој ден во исто време.
– Најдобро е тоа да се направи во вечерните часови. Прочитајте ја гласно книгата по избор на вашите деца, а потоа дајте им ним да прочитаат неколку реда или, уште подобро, страница за вас. Сѐ зависи од возраста. На овој начин ќе бидете сигурни дека добро сте го организирале своето време и дека сте испратиле здрава порака до децата. Дозволете им да ви го наметнат вкусот и предложете нешто за нив за што мислите дека може да биде забавно и корисно – предлагаат стручњаците.
Читањето гласно е добро затоа што случките во книгата ве ставаат во центарот на вниманието на децата, како извор на возбудливо искуство.
Покрај тоа, на овој начин ќе се збогати вокабуларот на децата и нивното општо знаење, благодарение на фантазијата што ги носи на нови места, ситуации и доживувања со разни ликови.
Секако не смее да се заборави какво е влијанието на читањето и на книгите врз развојот на децата.
– Читањето ја развива имагинацијата, ги подобрува паметењето и речникот на децата. Им помага подобро да се социјализираат, да стекнат разни искуства, ги прави подобри луѓе, им ја развива емпатија, им го проширува видокругот, ги прави поинтелигентни и поприспособливи…
– Децата што постојано другаруваат со книгата се емоционално постабилни, полесно се справуваат со проблемите, подружељубиви се. Во заедничкото читање со децата, директно ги учиме да го користат разговорот за да ги откриваат тајните на животот. Да се служат подобро со зборовите, за да ги опишат своите доживувања, а со текот на времето да изградат функционален и богат ментален живот – велат психолозите.