Гостин-уредник: Наум Попески

Времето брзо минува, па и оваа пандемија ќе мине и ќе дојде идното лето, па ете сме ние во нашата убава земја Македонија, порачуваат нашинчињата

Чудна е климата, кај нас почнува лето, а во Австралија – зима… А таму, далеку преку океанот, живеат илјадници Македонци и нивните деца. Во Сиднеј се и Лана, Адријана и Кристијан Јошески, две сестри и нивниот брат. Се разбира, со нив се и нивните родители, мајка им Билјана и татко им Тони Јошески. За да биде сѐ комплет, со нив се и баба им Нада и дедо им Иван Трпоски, по линија на мајка им, кои потекнуваат од Волино, Охридско. А по таткова линија, тука се и баба им Милица и дедо им Здравко, по потекло од демирхисарското село Света.

Во Сиднеј, Австралија, се дојдени одамна, ама со мислите и со обичаите што ги практикуваат се во родниот крај, во својата татковина Македонија. Впрочем, како и сите други. Ова моравме да го кажеме, за да ја надоврземе приказната за нивните внучиња, кои растат и се школуваат таму, ама љубовта кон Македонија ја негуваат преку своите родители и преку нивните чести доаѓања во Волино и во Света…
Тоа го планираа и сега, ова лето, кога кај нив почнува зимата, да дојдат во сончевиот Охрид и да се капат во бистрите води на Охридско Езеро, но да уживаат и во прекрасната природа, расцутените ливади и прекрасните полиња и македонски планини. Да ви кажеме и дека Лана има 14 години и оди во деветто одделение во населбата Кентербери, оддалечена 18 километри од нивниот дом, а живеат во Сефтон. Адријана има 12 години и е седмо одделение во училиштето во населбата Когра, 15 километри од дома до училиштето. А најмалиот и најмил брат Кристијан, кој има 7 години, е второ одделение, во населбата Белмор, 12 километри подалеку од дома.
Значи, покрај трудот вложен во учење, тие редовно минуваат повеќе километри од училиште до дома, па се надеваа дека ќе се одмораат ова лето во убавините на Македонија:

– Сепак ќе мораме да го одложиме ова лето, поради коронавирусот, кој им ги помати плановите на сите во светот, па и нам – велат овие прекрасни дечиња.
Тие ги поздравуваат своите врсници во Македонија.

– Два месеца бевме во домашна изолација поради коронавирусот и учевме преку интернет, како и нашите врсници во Македонија и насекаде. Често се гледаме и слушаме со нашите роднини и пријатели преку Скајп и Фејсбук, па така си ја ублажуваме носталгијата за нашите блиски… Сега преку интернет е поврзан целиот свет, па сѐ е многу полесно.Читаме и книги на македонски автори, а и дедо ни Иван е поет, па соработува со многу други поети, а плус тоа е активен во македонската библиотека кај нас, која е снабдена со голем број книги.

Времето брзо минува, па и ова ќе мине и ќе дојде идното лето. Па ете сме и ние во нашата убава земја Македонија – порачуваат Лана, Адријана и Кристијан.


Мојата татковина

Потокот речен што тече
во моето родно место,
зелената полјанка мека
каде што одморам често.

Онаа планина вишна
вековни песни што пее,
и она детенце мало
што игра и што се смее.

И она езеро сино
со лебеди и галеби бели,
со таа волшебна слика
во срцево што ми се всели.

Тоа е мојата земја
која ми дава сила,
во неа растам и учам –
те сакам татковина мила.

Наум Попески