На страниците на „Колибри“ ги објавуваме расказите на седумте учеснички на тукушто завршената работилница за креативно пишување „Остани дете, стани писател“, на издателството „Икона“. Творбите на кои работеа Амелиа, двете Јани, Екатерина, Марија, Мелина и Евгенија, на возраст од 7 до 14 години, под менторство на познатиот македонски писател Александар Прокопиев, наскоро ќе се најдат и собрани во книга

Уништувам. Убиец. Предавник… но потоа ќе се сетиш низ што сѐ поминал. Како уште кога бил дете животот му бил уништен и останал сам и заборавен…
Бел размислуваше за ѕверот додека ги гледаше планините што се простираа со милји наоколу. Таа се сврте накај огледалото закачено на ѕидот. Во нејзиниот одраз ја виде младата и убава девојка како што сите ја гледаа.
Но дали сум тоа навистина јас? Не… Однатре сум поинаква, постара…
Потоа ги забележа руните напишани под трите рубини вградени во сребрената рамка на огледалото.
„Јас сум огледалото на вистината. Стаклото на изгледот може да го скрши само тој што ќе ја види убавината на Ѕверот“, беше написот на огледалото.
И Бел се сети на… сѐ.

***

Како таа скина темноцрвена роза, речиси црна… Како првпат погледна во волчјите очи на ѕверот… Гастон, кој ѝ се додворуваше… Откритието дека со паѓањето на ливчињата паѓаше и нејзината љубов кон ѕверот. Љубовта на нејзиниот татко и сите тие книги…

***

Кога повторно се врати во сегашноста и ги отвори очите, Бел го виде ѕверот што стоеше зад неа.
„Што гледаш“, ја праша тој.
„Ѕвер што би убил сѐ што ќе му се најде на патот, а потоа… Ох, тие тажни очи“. Одговори Бел.
„Тие тажни очи“, се согласи тој. „Сето тоа што го изгубив“, воздивна Ѕверот, допирајќи го огледалото со својата шепа.
„Не тажи… Колку и да се злобни огледалата на гревовите, запамети, убавината доаѓа однатре“, шепотеше Бел, приближувајќи ја раката до огледалото на вистината. Нејзината дланка светеше со топла бела светлина и… Стаклото на изгледот се скрши. Наместо грдиот ѕвер, во одразот имаше млад принц, одамна загубен.
Кристабел се заврти и првпат го бакна Ѕверот, а околу нив танцуваше златна светлина, откривајќи ја вистината на Ѕверот.

***

Подоцна, кога Гастон и неколку други ја бараа Кристабел во замокот, тие најдоа розина грмушка испреплетена околу скршено ѕвоно, скршено огледало и… Златна статуа на принц и принцеза, засекогаш гушнати, засекогаш заедно.
Додека Гастон исплашено гледаше наоколу, во огледалото на вистината се виде себеси: ѓавол облечен во бело, предавник, грд длабоко во себе.
Исплашен од самиот себеси, тој избега за никогаш повеќе да не биде виден.
А зошто еден ѕвер би се жртвувал за принцеза, знаејќи дека ќе бидат претворени во статуа?
Затоа што… ја сакам.

Јана Сердарска