ОД МОЈ АГОЛ:м-р Татјана Гогоска, авторка и новинарка

Со светлосна брзина ни се менува животот на сите, а тоа има најсилно влијание на детското живеење. Се случуваат нешта што детскиот ум не може целосно ни да ги прими, ни да ги сфати. Так,а наеднаш заборавија на убавините на градинката, игрите и воспитувачките, а пак поголемите од училишните клупи се преселија пред компјутерите (оние деца што имаат и чии родители можат да им помогнат), а зборовите на своите наставнички најчесто ги читаат на мејл-адресите или на групни вибер-разговори. Рано се соочија со термините и за нас возрасните непознаници, како полициски час и карантин. Секако, и изменетата визуелна реалност, чиј неизоставен дел е носењето маски, ги прави уште позбунети и понесигурни.
Во сета оваа борба со т.н. невидлив непријател, децата имаат голема потреба од емисии наменети за нив, од едукативен, забавен, игран, музички или документарен карактер. Токму затоа добредојдени се емисиите што се снимани порано, а сега, пред сѐ јавниот сервис, ги емитува на својата програма. Со тоа ги едуцира и забавува децата во долгите денови што ги минуваат во своите домови.

Тоа и овој пат покажува дека емисиите наменети за најмладите се повеќе од потребни, оти преку нив на непосреден начин се доближуваат до децата разните форми на живеење, не само овде и сега туку и на други места и во други времиња.
Еве, на пример, со некои ликови од серијата „Големи и мали“, која исто така неодамна беше репризирана, а книгата по која е снимена е лектирно издание, тие се идентификуваат, иако дејството се случува во едно друго, многу поинакво време од ова сегашново.
Или на пример сериите „Дајте музика“, „Во светот на бајките“, „Умни глави“, „Наше маало“, сите наменети за малите но големи луѓе, повторно ги окупираат децата пред малите екрани. Тоа е доказ дека телевизиски програмски содржини се многу потребни за децата и штета е што ги нема во поголем број. Сето тоа е резултат на фактот што изминатава деценија немаше слух во телевизиите да се создаваат вакви програми во доволен обем и со потребниот квалитет.

А, да се допре до детското срце и ум, да ги натерате тие момчиња и девојчиња да ве следат, да се идентификуваат со ликовите, да растат со песна и игра, е многу одговорно и тешко. Но наедно тоа е и најубавиот предизвик во рамките на продукциското работење посветено на децата.
Да, светот се менува, нештата стануваат поинаков, но едно е сигурно – секое детство носи свои белези и свои спомени.


Емисиите наменети за најмладите се повеќе од потребни, оти преку нив на непосреден
начин се доближуваат до децата разните форми на живеење, не само овде и сега туку и на други места и во други времиња, вели Гогоска