Во здраво тело здрав дух
Рагбито во Македонија станува сѐ попопуларен спорт и сѐ поголем број луѓе имаат желба и интерес да научат нешто повеќе за овој спорт, како и да следат рагби-натпревари. Веќе почна да се гради и првото рагби-игралиште, а неодамна беше отворен и првиот рагби-клуб за деца и млади во Скопје, што претставува можност сѐ повеќе млади да се инволвираат во овој спорт.
Инаку, рагбито е планетарно популарен спорт, кој е создаден во Англија, се игра во екипи од по 15 играчи, со топка со овална форма, а димензиите на теренот се исти како фудбалскиот терен. Светскиот куп во рагби е трет по гледаност спортски настан во светот, по ОИ и СП во фудбал. Во рагби-играта, топката секогаш се дофрлува наназад и никогаш не смее да се фрли со рака напред.
– Соушал рагби клуб (Social Rugby Club) е првиот рагби-клуб со седиште во Скопје, кој врши обука на деца и млади за совладување на рагби-техниките. Истовремено, спортските сесии за рагби се креирани на тој начин да придонесат за личен развој на учесниците. Младите ќе се учат на поттикнување на тимскиот дух, еднаквоста, самоодговорноста и лидерството. Особено внимание ќе биде посветено на развој и поддршка на девојки што сакаат да се занимаваат со рагби и да играат рагби. Клубот започнува со уписи и тренинзи за млади момчиња и девојчиња на возраст од 6 до 13 години. Тие ќе играат таканаречено бесконтактно рагби. Учесниците се групираат во различни групи, во зависност од возраста и/или од физичкиот развој на детето. Децата на возраст од шест и седум години ќе почнат со т.н. таг-рагби. Ова е забавна, пријатна и бесконтактна верзија на рагби што се игра во мали екипи на мали терени. Акцентот ќе биде ставен на учеството, физичката активност и уживањето во играта – вели Силвија Митевска, претседателка на клубот.
Таа дополни дека една од причините за отворање на овој клуб е што рагбито исто така претставува и одлична платформа за личен развој кај младите, затоа што промовира почит, солидарност, интегритет и тимски дух.
– Вредностите што ги промовира овој спорт се принципи кон кои сакаме младите лица да се придржуваат во животот – вели Митевска.
Во 2019 година во Македонија се одржа регионално првенство во рагби во женска конкуренција, на кое се натпреваруваа тимови на Србија, Албанија и на Косово, но, за жал, не и рагби-тимот на Македонија, бидејќи ние сè уште немаме национален тим во женска конкуренција.
– Рагбито е еден од најбрзорастечките женски спортови во повеќе земји. Во Англија има околу 30.000 жени и девојки што редовно играат во некој клуб, двојно повеќе отколку во 2014 година, и овој тренд не е само национален, бидејќи светското рагби забележа 60 отсто учество на глобално ниво од 2013 година и сега жените сочинуваат една четвртина од сите играчи во светот. Јас се надевам дека во Македонија рагби ќе почнат да играат и девојки. Женското рагби е секаде во подем и ние треба да се стремиме кон тоа. Затоа овој клуб ќе овозможи еднаков пристап за момчиња и за девојчиња – истакна претседателката на клубот.
Таа посочи дека новоотворениот клуб веќе има одлична соработка со најразвиениот рагби-клуб кај нас, Вајлд боарс Скопје (Wild Boars Skopje), во кој играат искусни играчи и кои на одличен начин го промовираат рагби-спортот кај нас.
– Исто така имаме подршка и од глобалната спортско-менторска програма и напролет ќе нѐ посетат жени тренери од Нов Зеланд и од Венецуела, кои се надеваме дека ќе инспирираат што поголем број девојки кај нас да тренираат рагби – најави Силвија Митевска.
За повеќе информации, посетете ја веб-страницата www.rugby.mk