Заедно учевме и се дополнувавме на овие часови. Воодушевен сум колку брзо девојчињата реагираа на моите сугестии и им даваа свој печат на творбите што ги пишуваат, вели писателот Александар Прокопиев

Заврши работилницата за креативно пишување „Остани дете, стани писател“ на издателството„Икона“ 

Минатата недела беше незаборавна за Амелиа, двете Јани, Екатерина, Марија, Мелина и за Евгенија, седумте девојчиња, кои ја посетуваа работилницата за креативно пишување „Остани дете, стани писател“, во организација на издавачката куќа „Икона“, под менторство на познатиот македонски прозаист и есеист Александар Прокопиев.

Додатокот „Колибри“ не би бил тоа што е доколку не поддржи една ваква иницијатива што е за поздравување, па во средата, ги посетивме младите таленти во просториите на книжарницата на улицата Аминта Трети и низ збор и фотографии уловивме дел од една креативна средба.

Вистинско задоволство беше да се почувствуваат сериозноста и концентрацијата на девојчињата, на возраст од 9 до 14 години, кои со голема желба да научат нешто ново и да стекнат поголемо искуство во преточувањето на своите зборови во литературни творби, без да трепнат ги слушаа советите на писателот Александар Прокопиев. Тој, исто така, внимателно ги следеше нивните раскази, всушност, нивна верзија на познатите приказни „Убавицата и ѕверот“ и „Ариел“ (Малата сирена), кои наскоро ќе бидат собрани и во една книга. Даваше мали сугестии, но и пофалби и не го криеше задоволството што во оваа пригода соработува со многу инвентивни и трудољубиви млади авторки, пред кои се отвораат вратите на литературата.

– Искрено, заедно учиме и се дополнуваме на овие часови. Воодушевен сум колку брзо девојчињата реагираат на моите сугестии и им даваат свој печат на творбите што ги пишуваат. И дискусиите што ги водиме се многу впечатливи, бидејќи разговараме како се создадат карактери, колку од нив треба да има во една приказна, како се развива дејството – како започнува, како се прават заплет, кулминација и расплет, како да се вметнат дијалози, да го одложат дејството. Учиме и техники за подобрување на испишан текст за да се добие финално дело, кое наскоро и ќе се издаде – ни рече познатиот македонски автор Александар Прокопиев.

А младите таленти, иако малку срамежливо, рекоа дека овие часови за нив се можност уште повеќе да го разбудат талентот во себе, но и да стекнат поголема самодоверба да нурнат во светот на литературата, на која отсега ќе гледаат со други очи, како вистински познавачи. Најголемо задоволство за нив е тоа што творат на убавиот македонски јазик и, секако, што нивните приказни ќе се најдат во една книга.

Којзнае, можеби токму поттикнати од ова свое искуство некои од нив ќе се определат светот на литературата да биде нивна професија, но како и да е, сите седум млади таленти ќе добијат поттик да продолжат да читаат, да пишуваат и да се надградуваат.
Од книгоиздателството „Икона“ ветуваат во иднина уште многу проекти за деца, а ние од овој број на старинците на „Колибри“ ќе ги објавуваме приказните на првите седум посетителки на креативната школа на издателството „Икона“, кои добија и сертификат за успешно завршен курс за почетно пишување.

Можеби поттикнати од ова искуство некои од учесничките на работилницата ќе се определат светот на литературата да биде нивна професија


Краците на Урсула

Беше еден обичен ден во карпестата пештера, односно домот на Урсула. Сигурно ја знаете Урсула. Урсула е најстрашното чудовиште во морето. Но таа не била секогаш чудовиште. И не била толку страшна. Таа била деликатна и мила сирена во кралството на сирените.
Урсула не била иста како сега. Таа била убава сирена со огромна перка и црна коса ко катран. Имала црвени усни, а црни очи. Нејзината перка била најубава во царството. Поради нејзината убавина, кралот решил да се земе со неа. А тоа и била нејзината цел. Да стане кралица на целото море.
По некое време се појавила една друга сирена исто така убава и згодна. Таа набргу му го одзела здивот на кралот и го маѓепсала со својата убавина. Убавина што Урсула ја немала. Исто наречена како внатрешна убавина. Секој нејзин збор се претворал во мелодија. Кралот сакал да ја слуша таа музика од нејзиниот глас. Ја зел за жена. Заедно живееле и имале бебе, убавата принцеза по име Ариел. Ариел била сирена уште од мала. Имала црвена коса, која ја наследила од својот татко. Имала огромна перка и убаво тело. А гласот ѝ бил еден и единствен. Секој го препознавал кога таа пеела. Тоа го наследила од својата мајка.
Урсула, решена да ја одземе таа среќа, планирала да ја убие кралицата. Но судбината не ја чекала Урсула, туку таа сама ѝ го одзела животот. Таа веднаш по пораѓањето, ги затворила очите и умрела. Нејзиното бледо лице веќе не покажувало знак за живот. За жал, тоа не ја спречило Урсула да планира. Тогаш, Урсула имала уште подобра идеја. Да ја отстрани Ариел. Сакала да ја убие, а потоа да ѝ го одземе местото во кралството.
Но за да ви ја кажам целата приказна, ќе треба да се вратам од почеток. Почетокот е минатото на Урсула. Урсула била една од најубавите жени однадвор, а и однатре. Имала огромно срце полно со љубов. Но тоа срце се скршило како стаклена чаша полна со вино. И љубовта и добрината се истуриле од неа.
Срцето, а и самата Урсула не можеле да се вратат во нормала. Не останала повеќе истата личност што била порано. Тогаш ја почнала потрагата за лек на својата огромна болка, која ја нашла во темните предели на морето. Се обратила кај главната вештерка за помош. Нејзината моќ била да им ја оствари желбата на сите луѓе, притоа да им отстрани нешто од нивниот живот засекогаш.
За Урсула, тоа не било лесно, но морала да ја изгуби својата перка. Таа поцрнела постепено и се свиткала на многу различни начини. На начини што човечкото тело не може да ги замисли. Таа станала монструм, кој сакал да се одмазди. Да му се одмазди на човек што не е виновен. Да ѝ се одмазди на Ариел.

Амелиа Георгиевска, 14 години