Владо Димовски

Во „Зборуваме македонски“ за грешките во пишувањето на гласовите.
Да, драги мои, овие грешки ги најдов во книги, учебници списанија… Сега ќе се обидам една од нив да ставам во еден ваков дијалог. Митре и Митра спокојно разговараат.
– Човекот е добар, работлив и одговорен. Знам дека сте роднини – го почна разговорот Митре.
– А зошто не му дадете решение, малку да се опушти и… – предложи Митра.
– Нема кој да се завземе за него. За жал, јас сум никој и ништо во фирмата – стави точка Митре.
Убаво. Но, сепак, во овој дијалог се крие една грешка. Завземе. Драги мои, завземе се пишува, чита и се изговара како заземе.
Со арно, со убаво!


Чувајте го јазикот!

„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!