Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“
Приказнарот: З… Што може да биде З?!… Се сетив! З може да биде расипан заб. З е зелено што може да биде уште позелено. Една зебра паднала и тие што ја виделе измислиле друга зебра. Другата зебра ја викаме пешачки премин. Еден Зоки од Злетово знае десет приказни за зајаци, осмата ми ја кажа вчера. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата З да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.
Приказнава е стокмена за еден зелен зајак од село Зелениково. Како што кажува приказната, некогаш во Зелениково си живеел зајакот Зборко. Бил обичен зајак, велат само ушите му биле малку поголеми, божем кога трчал понекогаш ги газел со предните нозе. Една зима во Зелениково многу застудело. Ај што било многу студено, туку и сите зелки замрзнале. Размислувал што и како да прави, решил да тргне кон Скопје, поточно до Зелено пазарче и да купи некоја зелка. Одејќи така, од ладното позеленил, драги мои, станал зелен зајак. Кога се појавил на Зелено пазарче… Што да ви кажувам!… Се разбегале сите пазарџии и за некоја минута Зелено пазарче останало празно. Зборко застанал и почнал да размислува.
Море, зелени луѓе, избегаа од еден обичен зајак! Види, види, ми ги оставија зелките. Еј, вратете се! Да не играат некоја игра, а?
Играат не играат, зелениот зајак од Зелениково грабнал неколку зелки, една набрзина изел и тргнал назад, дома го чекала зајачицата Зорка. Ама, додека да стигне дома, зелките замрзнале. Станале потврди од камен.
Чудни работи се случуваат оваа зима. Како прво останавме без зимница, како второ Зорка ќе збесне и … Готов сум, морам да смислам нешто – си зборувал сам со себе зајакот Зборко од Зелениково.
Како си поминал дома, не прашувајте!… Зорка за малку што не го натепала. Ееее, почнал да размислува, го ставил прстот кај слепоочницата… Деновите си минувале, студот не попуштал, Зборко зеленеел и ништо не успеал да смисли. Неговата жена, Зорка станувала се понервозна и понервозна…
Слушај Зборко, или одмрзни ги зелките или… ќе те оставам и ќе си заминам кај мама! Толку зелен никогаш не сум те видел.
Овие зборови многу го погодиле зајакот Зборко. Просолзил… многу ја сакал Зорка и се плашел да не си замине кај мајка и во Златари. Како да ги одмрзне зелките? Како? Не знам зошто, но зајакот се сетил на зимските круши кои ги зреел во стогот сено на земјоделецот Здравко. Ги ставал во сеното и тие, крушите, за пет шест дена ќе омекнеле, памук се правеле. И, така, размислувајќи за крушите, наеднаш скокнал. Скокнал до таван, за малку ќе ја скршел светилката.
Се сетив!… Види, не сум повеќе зелен!… Жими мамичка, се сетив!
Види го!… Еј, што ти стана така, наеднаш?! Смири се!
Ако зреат круши во сено, сигурно ќе одмрзнат и нашите зелки. Трчај по бурето, донеси ја солта и… Извини, првин да ги однеси ме зелките кај стогот. Ајде, трчај!
Зајачицата Зорка, дали разбрала нешто од зборовите на Зборко, не знам, но тргнале двајцата кон стогот сено натоварени со замрзнати зелки. Ги напикале зелките во сеното…. За чудо, за големо чудо, по неколку дена зелките одмрзнале, зимницата стасала, Зборко и Зорка ја истерале зимата. Но, приказната за зелениот зајак тука не завршува. Велат многу му се допаднала зелената боја и со првите пролетни зраци, со појавувањето на првите цветчиња, првите бумбари, со првата зелена покривка која се ширела како некој да истурил десет тони боја… токму тогаш, зајакот Зборко од Зелениково почнал да размислува за природата и за тоа како да ја чуваме и да ја милуваме. Го формирал здружението на Зелените и станал првиот зајак претседател на едно вакво, многу значајно здружение. Тие што биле присутни кога се формирало здружението знаат… Велат, говорот на зајакот Зборко завршил вака: Зелено?!… Пријатели, нека биде зелено! Сум за верување или не сум, а?! Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!
За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата З ги отклучуваме: Зоки, знае, зајак, зајаци, заклучи, заврши, зелен зајак, Злетово, зима, застуде, замрзнат, застана, зимница, збеснува, зборува, зеленее, заминува, Златари, знам, зошто, зрее, зраци, завршува, зелено, Зелениково, Зборко, Зорка, Зелено пазарче, земјоделец, Здравко, здружение, зборови, заб, зебра, зелка…