Нови 22 детски песнички можеа премиерно да ги слушнат верните обожаватели на фестивалот на детски песни „Гроздоберче“, кој се одржа во петокот и саботата во салата на домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци. Фестивалот е со интернационален карактер, па на кавадаречките гроздоберчиња годинава им се придружија солисти од Словенија, Црна Гора, Србија и од Бугарија. Возбудувањето што секоја есен го носи со себе фестивалот, чија карактеристика е силна концентрација на талентирани деца што пеат и танцуваат, и годинава беше на високо ниво.Убава дружба, нови пријателства, безброј насмевки и многу убави нови песнички, кои се дел од една долга традиција во градот на грозјето и виното.
Во изминативе 23 година на фестивалот „Гроздоберче“ се испеани повеќе од 480 детски песни, а на сцената продефилирале како солисти, хористи или членови на балетските групи над 2.500 учесници, или просечно секоја година по 120 учесници. Фестивалот низ годините се стекна со пријатели и помагатели од цела Македонија, кои секоја година ја поддржуваат манифестацијата и сите талентирани деца што имаат неизмерна желба на сцената да го покажат својот талент, а соорганизатор е општината Кавадарци.
– Традицијата на фестивалот е толку долга што децата на поранешни учесници на фестивалот се сегашни учесници, што за нас претставува огромно задоволство и радост. Стручниот тим што се грижи за музичкиот дел на фестивалот и годинава подготвува ново аудио и видеоиздание, кое ќе остане како траен спомен на прекрасната дружба и песните што беа испеани годинава – вели уметничкиот директор Зоран Станоев.