Учениците од ООУ „Н.Г. Дуња“ во Кисела Вода им го возвратија поздравот на врсниците од ООУ „Т. Милошевски“, Ново Село, Ѓ. Петров, Скопје

На наше големо задоволство, веќе има позитивни реакции на нашиот повик до сите основни училишта во земјава да им испратат по пошта литературни и ликовни дела на соученици од други училишта. Со овој чекор ќе се родат нови пријателства и соработки.
По минатонеделната објава на поздравите од ООУ „Тихомир Милошевски“ од Ново Село, Ѓ. Петров, до другарчињата во ООУ „Н.Г. Дуња“ во Кисела Вода, и учениците од ова училиште го возвраќаат поздравот.
Во овој број можете да погледнете ликовни дела и да прочитале лични творби на децата од основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“, за другарството, пролетта, за вредните пчелички, безгрижното детство, но и хумани пораки за децата со посебни потреби.
Инаку, овие две училишта соработуваат преку училишните библиотеки, па за реализацијата на проектот беа задолжени: стручната соработничка м-р Маја Трајковиќ од ООУ „Н.Г. Дуња“ и стручната соработничка и библиотекарка Душанка Трпевска од ООУ „Т. Милошевски“ од Ѓорче Петров.
Се надеваме дека до крајот на учебната година ќе има уште многу вакви убави примери.


Шумска идила

Зелени дрвја, чисто небо, голем волк,
во шумата само навечер има молк.
Сабајле птиците пеат, а навечер
штурците свират,
Цвеќињата постојано мириси шират.

Дур сонцето свети,
пчелите собираат полен,
а бувот се крие и спие и е задоволен.
Пеперутките летаат и сонцето
зрачи на нивните крилја,
Зајакот поминува дури една милја,
Срната пасе трева и си ужива,
Додека низ листовите на дрвјата дува ветар директива.

Навечер приказната е различна,
За ноќните животни е симболична.
Мечките ловат, па се кријат
во некоја пештера
И ѕвездите се рефлектираат
во сите езера.

На полна месечина волците завиваат
И потоа во глутница се групираат.
Дивата свиња е сештојад
И таканаречен номад.
Лилјакот со своите страшни крилја
лета над облаците,
Над езера полни со риби
и гласните реки.
Следниот ден се гледаат сите патеки.
Отпечаток на шепа на волк,
дури на мечка,
А од шепата на јазовец
нема помалечка.
Овие се настани кои се одвиваат
во шума,
Навечер, преку ден и кога има
зајдисонце.
Ова се случува со милиони милениуми.
Треба да се грижиме
за нашата природа
За да не ја уништиме планетата
со пластика
И луѓето во иднината да не ги
слушаат овие песни
И да мислат дека сево ова било
само фантастика.

Ања Костовска, ученичка во 8-в одделение


Пчелка вредна

Пчелка јас сум вредна
Често летам по ливади
Ех, тој прекрасен цвет
Лет, лет, лет од цвет на цвет
Колку е убав овој свет
А, собирам само мед

Во цветна градина летаме
Радосно извикуваме
Ех, тој розов цвет
Да собирам само мед
Над цветот брмчи пее
Ах, колку сладок мед

Акростих од Анастасија Миткова од 5-б одделение


Другарство

Другарството е бесценето
и граници нема,
секој човек на светот во своето
царство го зема.
Никој не заслужува да е без
другарите свои,
затоа ве молам слушнете
ги зборовите мои.

Да се другарува е најдобро нешто,
од другарството може да се научи сешто.
Со доверба, пријателска љубов,
почит и посветеност,
до најдобрите идеи еден за
друг како досетеност.

Другар нов секој ден можеш да стекнеш,
и најстрог да си со другар ќе омекнеш.
Ако сте вистински пријатели,
да си верувате еден на друг ќе е лесно,
дури и кога не сте во тесно.
Караници понекогаш ќе има,
но брзо се решаваат затоа што секогаш
виновен или не, некој презема вина.

Пријателите среќа ти носат на свој посебен начин,
меѓусебната љубов во вашиот живот
засекогаш ќе е интересен зачин.

Лина Божиновска, ученичка во 8-в одделение


Пролет

Над полето високо,
низ далечните води,
Дрвото на среќата
се разубави во весели бои.

Цвет по цвет,
тоа цутеше
И во царството на пролетта
Тоа нѐ довикуваше

Топлото јужно ветре,
Нежно нѐ гали
И неуморно насмевки ни дари.

Младата убавица пролет,
се разлеа во весели бои,
фустан на природата
таа си скрои.

Mилена Николовска, ученичка во 8-в одделение


Пролетта и цветови

Пролетта е тука
Ја носи својата свежа, утринска роса
На нашата адреса
Сончевата завеса ја испраќа

Само таа знае
Венец од цветови да ткае
Којзнае од каде иде
Но таа своите бои никогаш не ги крие

Со бисерна мисла
и молба за една нова песна
Славеите таа ги кани
Да ги заздрават нашите
ладни зимски рани

Едно по едно
На секое дрво таа листови реди
Каде и да оди
Неа секаде свеж поглед ја следи

Сувите гранки и сувите треви
Се одамна минато
Сега на нив има зеленило непрекинато

Небото е чисто и сино
А ноќите со ѕвезди полно

Како пролетта нема друга
Таа го означува почетокот на животот во годината нова

Нина Панчевска, ученичка во 8-в одделение


Што ме движи кога се стои

Што да напишам за мојава мисла
да има некоја смисла?
Во секое тело, предмет и камен
безброј атоми се движат
како роеви од пчели
што за своите млади се грижат.

Навидум се стои
но тоа е вибрација вечна,
што не се гледа
а за умот како виножито се распослале непознати бои.

Само мислата е вечна и трајна
таа се движи низ сите хоризонти
со брзина сјајна.

Од мислата се раѓаат многу добри дела
а тие се храна за секоја душа
која Божјиот шепот го слуша.

Сѐ се движи совршено,
според природниот закон уредено,
како некое ремек-дело
кое намерно не е довршено.

Додека не станеш белобрад
старец, прави добри дела,
биди хуман
и тогаш со сигурност ќе знаеш
дека се движиш со голема брзина
во вистински правец.

Марко Јовановски, 7-в одделение