Нашиот најплоден собирач и запишувач на фолклорот, Марко Цепенков, собрал над 5.000 народни пословици и поговорки. Некои од оние што се однесуваат на карактерот и интересите на децата се пренесени во книгата „Од згода до згода, заграб бистра вода“ на писателот Васил Мукаетов, но како песни. И пак со желба – за поука и радост. Книгата почнува со стиховите: Зрнце по зрнце погача./Капка по капка – море. Умниот Марко собирал? Сѐ што народот премудро зборел./Бисер по бисер течно/за да ни остане вечно.

Од творештвото на Васил Мукаетов

За добрината

Добрината сретната
кај возрасните
и кај децата
е иста.
Се дава искрено
и со совест чиста.

Луѓето од памтивека
по добрина трагале,
си помагале.

И меѓу нас:
се трага за книга
за лектира.
Си позајмил на Тоде,
ти позајмила Мира.

Добрината не се мери
добрината се памети
и се враќа.

Прочитавме:
Добрината со добрина се плаќа.


Ништо без труд

Може ли
без да мрднеш со прст,
во рацете – цреши грст.

Може ли
во нива невлезено,
од воденицата
брашно сомелено?

И може ли
без капка пот,
гол да дадеш.
Не е виден таков спорт.

Не.
Работите стојат вака:
сѐ со труд и нешто мака,
отсекогаш било така.

Што ќе посееш,
тоа ќе со ожнееш.
Или:
Без дури не се испотиш,
в амбар не можеш да туриш.


Се на време

За вредните
не треба потсетување,
се знае што и кога,
нема задоцнување.

Среде лето,
се жнее по жештината,
се собира летината.
Не по снегот,
туку наесен се берат
плодовите на градината.

Задоцнување, не бива,
ќе ги пречека
празна нива.

А и кај учениците,
Не се отвораат во мај,
учебниците.

И кај ковачите
огнот што го разгоруваат.
Задоцнат ли,
Џабе.
Работите се изладуваат.
Задоцнуваш ли,
сѐ е потешко.
Железото се кове додека е жешко.

(Од книгата „Од згода до згода, заграб бистра вода“)