Едукативен проект на Археолошкиот музеј во Скопје
По прогласувањето на пандемијата на коронавирусот, комуникацијата со пошироката јавност се одвива исклучиво преку социјалните мрежи. Токму затоа во Археолошкиот музеј започнавме со објавување едукативни видеа и можност за виртуелна посета за интернационалната изложба „100 години Требениште“. Сепак, на децата им се најпотребни едукативни содржини, па затоа се одлучивме најмладите да ги вклучиме преку започнувањето со проектот #МузејскаЕдукација преку #Цртежи каде што најмладите цртајќи ги предметите што ги објавуваме ќе се запознаат со нивната приказна и нивната намена во минатото. Иако во фокусот на овој проект се децата, содржините што ги објавуваме се едукативни и за пошироката јавност.
Започнавме со старото камено време, најстариот период од предисториската археологија, односно започнавме со хронолошко објавување на предмети за едукација за еволуцијата на човекот низ сите периоди.
Првичната замисла на проектот беше индивидуално вклучување на децата, но на наше огромно задоволство, некои наставници го применија овој проект како дел од нивниот наставен план по ликовна уметност.
Од самиот почеток во овој проект се приклучија од ООУ „Васил Главинов“, Велес, ООУ „Добре Јовановски“, Прилеп, ООУ „Григор Прличев“, Охрид, ни стигнаа и неколку цртежи од ООУ „Јан Амос Коменски“, Скопје. Бидејќи интересот на децата за овој проект е задоволителен, (72 деца) размислуваме истиот тој и понатаму да продолжи да се одвива во соработка со училиштата во новата учебна година.
По стабилизирањето на ситуацијата и по укинувањето на мерките за групирање, секој што учествувал во овој проект ќе биде повикан на бесплатна посета на музејот и едукативна работилница во нашето едукативно катче. Планираме да направиме и изложба од сите 300 цртежи што ги добивме досега, како и да им врачиме благодарници на нашите мали и талентирани уметници. Ќе ја искористиме оваа можност да ги споменеме и учениците од ООУ „Гоце Делчев“, Скопје, кои ја искористија можноста за виртуелна посета на изложбата „100 години Требениште“ преку интегрирањето на предметите по историја и англиски, да изработат презентации во кои опишуваат реален ритуал со златната маска, а на англиски ги искажуваат своите впечатоци од виртуелната посета издвојувајќи артефакти што повеќе или помалку им се допаднале.