Специјализираниот канал за детска програма на Македонската радио-телевизија – МРТ 5, од минатата недела, почна да ја емитува својата програма.
Овој нов предизвик за МРТ, всушност, претставува континуитет на улогата и влијанието што го има образовната програма на МТВ во формирањето на личноста на децата и младите луѓе и во градењето на нивниот критериум за вистинските вредности.
Современиот пристап во изборот на содржините што едуцираат, информираат и забавуваат, како и понудата на сите жанрови програма за деца, е гаранција дека детскиот канал МРТ 5 ќе има голем број ТВ-консументи од целната група.
Иако помина само една недела од стартот, каналот специјализиран за деца веќе го привлече вниманието на најмладите гледачи со богата и интересна програма.
Гледачите што ги следат програмите на МРТ преку кабелските оператори А1 и Телекабел ќе можат да го следат новиот детски канал МРТ 5 откако ќе ги прескенираат своите ТВ-приемници или сет-топ бокс-уредите.
Корисниците на „Македонски телеком“ без интервенција ќе ја добијат можноста да го следат детскиот канал МРТ 5.
Гледачите што ги следат програмите на Македонската радио-телевизија преку DVB-T мрежата на ЈП МРД (односно го примаат сигналот со антена), за да го следат новиот детски канал МРТ 5, треба да ги прескенираат програмите на своите ТВ-приемници или сет-топ бокс-уредите.