Од Француската национална телeвизија соопштија дека Париз, Градот на Светлината, на 19 декември ќе биде официјален домаќин на годинашниот јуниорски натпревар за песна на „Евровизија“ (JESC).
По победата на симпатичната Валентина на изборот на „Детска евровизија“ во 2020 г., во Полска, прва победа на Франција на овој детски фестивал, Француската телевизија реши да го организира натпреварот во салата „Сена музикале“, која се наоѓа во западниот дел на градот. Ќе учествуваат деца од Европа, на возраст од 9 до 14 години.
Во 2020 година овој фестивал го следеа 32 милиони гледачи, а домаќин беше полскиот радиодифузер ТВП.
Слоганот на 19. „Детска евровизија“ во Париз ќе биде „Замисли“, како пандан на одгласите на победничката песна на Валентина „J’imagine“, во 2020 година.
Воодушевени сме што можеме да објавиме дека Париз ќе биде град домаќин на детскиот натпревар за песна на „Евровизија 2021“. Возбудливо е да се вратите во француската престолнина со евровизиски настан првпат по над 40 години. Тимот на Француската национална телевизија има страст, посветеност и енергија да создаде фантастично шоу во декември, каде што талентирани млади уметници ќе можат да блеснат и „да си замислат“ дека ќе го освојат пехарот за „Детска евровизија“ – рече Мартин Остердал, извршен супервизор на ЕБУ.
Александра Ред-Амиел, раководителка на програмата за забава во Француската телевизија, е многу задоволна што следниот декември, првпат по 43 години, Франција ќе организира настан за „Евровизија“.
Прекрасен проект! Детскиот натпревар за песна на „Евровизија“ е неверојатен нов предизвик за нас да подготвиме автентично шоу, а особено за мене како извршна продуцентка. Детскиот натпревар за песна на „Евровизија“ ја претставува културната разновидност на нашата млада публика во Европа, а тоа ми значи многу. Ние ќе бидеме целосно вклучени да понудиме одлично, уникатно и амбициозно шоу во Париз – рече Александра Ред-Амиел.
За разлика од „Евровизија“, каде што задолжително се организира шоуто во земјата што победила претходната година, „Детската евровизија“ се одржува по договор и со одлука на организаторот ЕБУ.
Сѐ уште не е познато дали Македонската телевизија, како носител на лиценцата, ќе биде дел од овој фестивал.