Како градежен работник, работејќи на фасадата на една куќа во Неготино, во разговор со сопствениците, разбрав за семејството Недеви од Долни Дисан, кое се соочува со тешка сиромаштија. Тоа за мене беше доволно да се одлучам да им однесам пакет храна за бадниковата вечер, вели Ѓорѓи Вареловски
Кавадаречкиот Дедо Мраз, Ѓорѓи Вареловски, за време на празниците имаше многу работа. Неговиот прекрасно уреден двор го посетија околу 3.000 дечиња, заедно со своите наставници или родители. Тој несебично им посветуваше внимание, разговараше со нив, одговараше на сите нивни прашања и наоѓаше време да ги слушне нивните песнички. И она што е исто така важно, секое дете од неговиот дом си замина со насмевка и новогодишно пакетче.
По стивнувањето на новогодишните празнувања на Коледе, Дедо Мраз го посети селото Долни Дисан во општината Неготино и на сите дечиња што тоа утро ги сретна на улиците како коледари им подари новогодишно пакетче. Но неговата мисија не заврши тука, бидејќи неговата вистинска намера со посетата на селото беше да оди до домот на семејството Недеви и да им однесе голем пакет со храна.
– За семејството Недеви и за нивната тешка финансиска состојба разбрав сосема случајно. Како градежен работник, работејќи на фасадата на една куќа во Неготино, во разговор со сопствениците разбрав за семејството Недеви од Долни Дисан, кое се соочува со тешка сиромаштија. Тоа за мене беше доволно да се одлучам да им однесам пакет храна за бадниковата вечер и, верувајте, навистина бев трогнат од тоа што го видов и од условите во кои живеат. Дознав дека хумани луѓе веќе им градат нов дом, а мојот мал придонес со пакет храна, кој се состоеше од брашно, масло, млеко, месо, сирење, кашкавал, грав, леќа, овошје, сувомесни производи, сокови и средства за хигиена се надевам дека барем малку ќе им ја ублажи состојбата и ќе донесе радост во нивното семејство – ни раскажа Вареловски, кој веќе четврта година им подарува пакети со храна на загрозени семејства.
Новогодишната мисија да донесува радост на кавадаречкиот дедо Мраз продолжи со посета на детското одделение во болницата во Кавадарци, каде што моментално се лекуваа седум дечиња. Нивните насмевки на лицата и радоста што Дедо Мраз и покрај тоа што се во болница се сетил на нив беше инспирација за Ѓорѓи Вареловски да продолжи и понатаму успешно да го оживува божиќниот дух и неизмерно да подарува и да радува голем број деца од целата држава и пошироко, цели 22 години.