ТАЛЕНТИ

Деветтоодделенката Атина Рувинова од ОУ „Христо Узунов“ од Охрид беше најдобра на натпреварот по информатика „Куп во Белград“, Србија, каде што претставници од повеќе земји се натпреваруваа по математика, физика и информатика, екипно и поединечно.
Таа беше единствен претставник на Македонија по информатика и го освои златниот медал, со максимален број бодови.
Натпреварот за домаќините беше со физичко присуство, додека учесниците од другите земји на натпреварот настапуваа онлајн, објави сајтот Охрид прес.
Најновиот успех на Атина доаѓа по освојувањето на првото место оваа година на регионалниот натпревар по информатика и првото место на државниот натпревар по информатика.
Уште од најмала возраст Атина Рувинова ја нарекуваат охридско чудо од дете. Кога имала само една и пол година ја знаела азбуката, а на две веќе на лаптоп пишувала цели поими.
Кога имала седум години, таа можела истовремено да пее и да пресметува математички операции од едноцифрени и двоцифрени броеви. Визуелно, без губење време, Атина собирала, одземала, делела и множела двоцифрени и трицифрени броеви.
Она што нејзините врсници го решаваат за еден час, Атина го прави само за неколку минути.
Наместо сликовници, Атина денес чита енциклопедии и решава сложени задачи.
Девојчето генијалец од четири години ја посетува програмата за развивање на мозочниот потенцијал Бреинобреин.
И Ивица Маринковиќ, алијас Ивце Пивце, во својот телевизиски серијал „Дете талент“ сними емисија за Атина Рувинова.