Традицијата на 8 јануари претходни и сегашни ученици на ООМБУ „Лазо Мицев-Рале“ од Кавадарци, заедно со своите наставници, да му подаруваат на градот прекрасен божиќен концерт продолжува. Изведбата на „Убавиот син Дунав“ и можноста да се ракоплеска на „Радетскиот марш“, заедно со многу други божиќни песни, беа белегот на овој традиционален божиќен концерт, кој публиката со нетрпение го очекуваше.
Годинава во значително помал обем и првпат во концертната сала на училиштето се одржа концерт во кој имавме можност да слушнеме и видиме исклучително талентирани музичари, кои своето музичко образование го продолжиле во повисоките образовни институции. Тука беа и прекрасните балерини од балетскиот оддел, со „Рапсодија на тема Паганини“ од Рахмањинов, како и многу сегашни талентирани ученици во музичкото училиште, кои заедно со нивните наставници изведоа дела од Јохан Штраус, Шостаковиќ, Гарсон, Монти, Сен Сан и Маркс.
Со божиќниот концерт училиштето уште еднаш потврди дека претставува вистински расадник на музички таленти, кои своите музички достигнувања повремено може да ги претстават пред своите сограѓани разубавувајќи ги празниците на најубав начин.