Младите членови на студиото „Кирил и Методиј“ годинава се вратија со голем број признанија, кои ги освоија на конкурсите во Романија, Бугарија и во Јапонија, а исто така освоија награди за учество на меѓународни ликовни колонии
Битолската чаршија повторно оживеа. Иако дождот што паѓаше во саботата го смени планот на организаторите, на изложбата под ведро небо да бидат презентирани 1.000 ликовни творби, колку што насликаа учесниците на годинашниот „Мал битолски Монмартр“, сепак и изложените стотина цртежи го привлекоа вниманието на посетителите. Битолчани не ја пропуштија шансата да ја посетат, но убавите ликовни творби ги видоа и големиот број туристи, пред сѐ од Грција и од Турција, што во тој момент се затекнаа во чаршијата.
На манифестацијата најпрво полетаа балоните, како покана до заинтересираните за учество на „Малиот битолски Монмартр“ идната година, а беше исечена и славеничката торта.
Потоа им беа врачени меѓународните награди, кои членовите на детското ликовно студио „Кирил и Методиј“ ги освоија на многубројните светки детски ликовни конкурси.
Младите членови на студиото годинава се вратија со голем број признанија, кои ги освоија на конкурсите во Романија, Бугарија и во Јапонија. Исто така, членовите на студиото освоија награди за учество на меѓународни ликовни колонии во Пиатра Неамт (Романија) и Евора (Португалија).
Награди добија: Христина Врчковска, Јана Ристевска,Јулијан Ивановски, Анастасија Котевска, Ана Полизовска, Габриела Николовска, Ангела Каранфилова, Илина Ѓоргиевска.
На присутните им се обрати основачот и идеолог на „Малиот битолски Монмартр“, Коста Хаџиантоновски:
– Оваа манифестација секогаш ја правевме на 25 јануари, роденденот на нашиот ангел Тоше Проевски, но на молба на занаетчиите, кои редовно нѐ помагаат, одлучивме овој пат, пред Нова година, да ја збогатиме понудата на Битола, не само за нашите сограѓани туку и за големиот број туристи и изложбата да ја отвориме во пресрет на новогодишните празници, кога чаршијата е доста раздвижена и полна со луѓе. Ќе беше убаво доколку не врнеше дожд, бидејќи планиравме да презентираме 1.000 цртежи. Но и со овие 100 дела, со кои се претставивме, го презентиравме богатството на творби со кои располагаме и кои го привлекоа вниманието на битолчани и на големиот број туристи – рече Хаџиантоновски.
Тој, и покрај нарушеното здравје, собра сили да оди во студиото да им ги врачи наградите и признанијата на членовите на детското ликовно студио „Кирил и Методиј“, гордост на Битола, но и на целата земја.